Олимпискиот оган го почна своето 121-дневно патување низ Јапонија за на 23 јули да стигне во Токио, каде што ќе се одржи церемонијата на отворањето на одложените Олимписки игри.
Факелот тргна од североисточната префектура Фукушима, област која беше уништена од земјотресот во 2011 година, од цунами и од топењето на трите нуклеарни реактори, пренесува „Ројтерс“.
Прва носителка на факелот беше Азуса Ивашимизу, од јапонскиот тим кој го освои Светскиот куп на жени во 2011 година, опкружена со уште 14 члена на тимот и тренерот.
Церемонијата на палење на огнот беше затворена за јавноста поради страв од ширење на Ковид-19, но се пренесуваше во живо.
Властите дадоа наредба навивачите во овие 121 дена да се оддалечуваат од патот додека поминува факелот и да се воздржат од гласно навивање. Организаторите рекоа дека ќе ја запрат или пренасочат штафетата ако метежот стане проблем за време на четиримесечното патување.