Дерматолозите предупредуваат: Постелнината станува легло на бактерии и грини - еве колку често треба да ја менуваме

Дерматолозите предупредуваат: Постелнината станува легло на бактерии и грини – еве колку често треба да ја менуваме

пред 5 часа

Чистата постелнина за многумина е симбол на свежина и удобност, но дерматолозите и микробиолозите предупредуваат дека редовното перење на чаршафите и навлаките за перници е многу поважно отколку што мислиме. Според експертите, нечистата постелнина може директно да влијае врз здравјето на кожата, квалитетот на сонот, па дури и врз развојот на алергии и респираторни проблеми.

Додека спиеме, телото постојано се регенерира и ослободува милиони мртви клетки од кожата, пот, себум и остатоци од козметика. Само за една недела во постелнината се насобираат огромни количини нечистотии кои создаваат идеални услови за развој на грини, бактерии и габи.

Според стручните проценки, во текот на ноќта човековото тело исфрла милиони микроскопски честички кожа кои остануваат на чаршафите, перниците и душекот. Токму тие честички претставуваат главен извор на храна за грижите – микроскопски организми кои живеат во речиси секој кревет.

Иако самите грини не се опасни, нивниот измет може да предизвика сериозни алергиски реакции кај чувствителни лица. Симптомите најчесто вклучуваат утринско кивање, затнат нос, иритација на дишните патишта, кашлица и проблеми со спиењето.

Дополнителен проблем е и потта која се акумулира во текот на неделата. Експертите велат дека во постелнината може да се насоберат дури три до четири литри пот, што создава топла и влажна средина погодна за размножување бактерии и габи.

Колку често треба да се менува постелнината?

Дерматолозите препорачуваат постелнината да се пере на секои седум до десет дена. Во тој период количината на нечистотии сè уште не достигнува ниво кое сериозно ја нарушува хигиената или здравјето на кожата.

Менување на постелнината на секои две недели може да биде прифатливо само кај лица кои спијат во пижами, се тушираат пред спиење и немаат алергии или чувствителна кожа.

Но, експертите предупредуваат дека перењето само еднаш месечно веќе претставува сериозен хигиенски проблем. По неколку недели, чаршафите и перниците стануваат вистинско легло на бактерии, габи и грини.

Навлаките за перници се најкритични

Посебно внимание треба да се посвети на навлаките за перници бидејќи токму таму се собира најголема количина себум, пот, плунка и остатоци од козметички производи.

Дерматолозите советуваат навлаките за перници да се менуваат на секои три до пет дена, особено кај лица кои имаат акни, чувствителна кожа или засилено мрсење на лицето.

Нечистата перница може дополнително да ја влоши состојбата на кожата бидејќи лицето со часови е во директен контакт со бактерии и нечистотии насобрани во ткаенината.

Во одредени ситуации постелнината мора да се пере почесто

Експертите нагласуваат дека во одредени периоди постелнината треба да се менува многу почесто од вообичаено.

Кога човек е болен, постелнината треба да се промени веднаш по закрепнувањето, а по потреба и за време на болеста. Лицата со астма или алергии треба да ја перат постелнината двапати неделно, по можност на повисоки температури.

Во лето, кога потењето е поизразено, препораката е чаршафите да се менуваат на секои четири до пет дена, а кај лица кои многу се потат дури и на секои три дена.

Дополнителен ризик претставуваат и домашните миленици кои спијат во кревет, бидејќи влакната, перутта и нечистотиите дополнително ја оптоваруваат постелнината и создаваат услови за развој на алергени.

Чистата постелнина значи и поквалитетен сон

Стручњаците нагласуваат дека редовното перење не е важно само поради хигиената, туку и поради квалитетот на одморот. Чистиот кревет ја намалува изложеноста на алергени, бактерии и непријатни мириси, што може значително да помогне за помирен и поквалитетен сон.

Иако многумина не размислуваат колку време дневно поминуваат во кревет, токму постелнината е едно од местата со кои телото е во најдолг контакт. Затоа дерматолозите предупредуваат дека правилната хигиена на постелнината не е луксуз, туку важен дел од грижата за здравјето на кожата и целиот организам.

Share
Scroll to Top