Десет маратонци и оваа година ќе трчаат во спомен на Тоше Проески и ќе пристигнат во Крушево во петок, на 16 октомври на пладне.
Заради пандемијата со коронавирусот, маратонците оваа година ќе трчаат само низ Македонија, ќе почнат од граничниот премин Табановце, преку Скопје и ќе стигнат до Крушево. Двајца претставници на маратонците ќе истрчаат симболични 10 километри во Нова Градишка, Хрватска, и таму ќе положат цвеќе во спомен на музичката ѕвезда.
„И оваа година ќе го одбележиме овој тежок ден за Крушево, државата и Балканот. Ќе ги пречекаме маратонците и заеднички ќе оддадеме почит на нашиот сограѓанин, пејач и амбасадор. Драго ми е што годинава ќе положиме цвеќе на веќе изграденото гробно место и Тоше конечно ќе има достојно почивалиште“, рече градоначалникот на Крушево, Томе Христоски.