Димитриеска-Кочоска: Јавниот долг е во планираните рамки, можно задолжување во два дела во 2027

Димитриеска-Кочоска: Јавниот долг е во планираните рамки, можно задолжување во два дела во 2027

пред 8 часа

авниот долг останува во рамките на проекциите и Фискалната стратегија, а до крајот на годинава ќе се реализираат само задолжувањата предвидени со Буџетот и ребалансот, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето во „Тема на денот“ на ТВ Сител.

„Министерството за финансии не може да се задолжува дополнително ако тоа не е предвидено со Буџетот и ребалансот“, нагласи министерката.

Таа објасни дека поради променетите услови на финансиските пазари било реализирано задолжување на меѓународниот пазар, додека финансирањето на буџетскиот дефицит за годинава главно ќе се заокружи преку домашно задолжување.

Димитриеска-Кочоска посочи дека Министерството ги следи пазарните движења, прави пресметки и ги разгледува можностите за обезбедување средства со пониски каматни стапки. До крајот на годинава, како што најави, нема да биде издадена еврообврзница.

Се разгледуваат две опции за задолжување во 2027 година

За наредната година се разгледува можноста за издавање две еврообврзници или за комбинација од два различни вида задолжување. Конечната одлука ќе зависи од условите на пазарот, а терминот сè уште не е утврден.

„Не сме одлучиле дека ќе биде во јануари, може и февруари“, рече министерката, нагласувајќи дека неизвесноста на пазарите останува голема.

Таа додаде дека дел од средствата ќе треба да се обезбедат за сервисирање на еврообврзницата издадена во 2023 година, која доспева во 2027 година. Според Димитриеска-Кочоска, таа била издадена со каматна стапка повисока од шест проценти, што го оцени како високо ниво.

Корекции кај проектите со послаба реализација

Осврнувајќи се на ребалансот усвоен од Владата, министерката појасни дека намалувањето на капиталните расходи е направено преку КАПЕФ-механизмот. Корекциите се однесуваат на одложување проекти чија реализација заостанува зад планот, додека проектите што се одвиваат со редовна динамика не се кратат.

Димитриеска-Кочоска изрази очекување за стабилизирање на инфлацијата и информираше дека подготовката на Буџетот за 2027 година е во тек. Тој ќе се движи во рамките на Фискалната стратегија, а здравството ќе биде меѓу приоритетите.

Share
Scroll to Top