Димовски: ТИРЗ генерира раст – повисоки плати, извоз и буџетски приходи

Димовски: ТИРЗ генерира раст – повисоки плати, извоз и буџетски приходи

пред 1 час

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, соопшти дека компаниите кои работат во технолошко-индустриските развојни зони во текот на 2025 година и почетокот на 2026 година бележат значителен раст на повеќе економски параметри.

Според податоците што ги изнесе Димовски, просечната нето плата исплатена од компаниите во ТИР зоните во 2025 година е зголемена за 6 отсто во однос на 2024 година, што, како што посочи, е показател за стабилен раст на продуктивноста и условите за работа.

Во делот на фискалните ефекти, компаниите од ТИР зоните во 2025 година уплатиле повеќе од 6,3 милијарди денари во државниот буџет, што претставува раст од 10,5 отсто во споредба со претходната година. Димовски информираше и дека извозната активност на компаниите продолжува да расте. Вкупниот извоз за 2025 година е зголемен за 6,5 отсто во однос на 2024 година, додека во првиот квартал од 2026 година е регистриран дополнителен раст од 11 отсто во споредба со истиот период од претходната година.

Тој истакна дека економските движења во зоните придонесуваат и за пошироки макроекономски резултати, наведувајќи дека шест квартали по ред се бележи раст на БДП од 3,5 отсто. Во однос на институционалната работа, Димовски посочи дека Дирекцијата за ТИРЗ во 2025 година се рангирала на второ место според усогласеноста со стандардите за имплементација на системот за интегритет, согласно извештајот на ДКСК, значително подобрување во однос на претходните години.

„Она што во изминатата година и половина го работевме со фокус на реструктуирање на економијата и консолидирање на институциите, денес ги дава своите резултати“, порача Димовски.

Share
Scroll to Top