„Дип Прпл“ се еден од најпотентните бендови, не е важно што имаат по 75 години, вели Бобан Авалон пред концертот на култната група

„Дип Прпл“ се еден од најпотентните бендови, не е важно што имаат по 75 години, вели Бобан Авалон пред концертот на култната група

пред 3 години

Еден од најголемите рокенрол состави на сите времиња „Дип Прпл“ на 28 мај ќе настапи на стадионот на АРМ во Скопје, во организација на „Авалон продукција“.

Првиот човек на „Авалон“, Бобан Милошевски, на денешниот прес со новинарите во хотел „Мериот“ рече дека денешниот ден е празник за него затоа што конечно по три години карантин во Македонија повторно ќе има концерти и што публиката ќе може во живо да ги слушне класиците.

„’Дип Прпл’ се еден од најпотентните рок и метал бендови во последнава деценија, без разлика на тоа што имаат по 75 години, тие само во последните три години имаат издадено два албума. Ние имаме ситуација во која 20-годишници не можат да скрпат две песни. И треба да престанат да се делат бендовите на млади и на стари. Актуелен е бенд којшто има нов материјал и од таа гледна точка во доаѓањето на „Дип Прпл“, значи доаѓање на еден од најголемите светски рок бендови на сите времиња“, рече Милошески и напомена дека значењето на „Дип Прпл“ е нешто што не треба да се потенцира.

„Тие се меѓу големата петорка заедно со „Битлси“, „Ролинг Стоунс“, „Пинк Флојд“ и „Лед Цепелин“. Ова е прв концерт, со кој ја отвораат претстојната сезона, а предгрупа на легендарниот бенд, ќе биде млад македонски бенд“, рече Милошески, но не сакаше да го открие бендот и откри анегдота со ќерка му за тоа како слабо работеле со македонските бендови.

„Ќерка ми ми се закани дека сум се продал на странците и дека слабо ги поддржуваме младите македонски бендови, па затоа овој пат инсистиравме пред „Дип Прпл“ да настапи млад македонски бенд. Се нудеа некои групи што се генерациски многу блиску со нив, ама ние одлучивме да биде млад македонски бенд, а и од „Дип Прпл“ го сакаа истото“, рече Милошевски.

Тој се потсети и на последниот концерт на кој бил во 2005 во Скопје, за кој рече дека поминал многу лошо. Дека членовите од бендот не зборувале еден со друг и дека секој од нив се возел во различна кола. Бобан изрази незадоволство од државата и дека недоволно ги поддржува ваквите настани кои се од национален интерес за културата.

Последен концерт кој го одржа „Авалон“ во Скопје беше на Брајан Адамс во 2019 година. За потсетување, концертот на „Дип Прпл“ ќе се одржи на 28 мај на стадонот на АРМ. Влезниците се пуштени во продажба од 23 февруари. Тогаш „Авалон“ најави дека во продажба ќе бидат пуштени само две илјади. Еден билет чини 1.500 денари за партер и 2.000 денари за Фан-пит.

Љубиша Владимиров

 

 

 

Share
Scroll to Top