Од Евровизија ја забранија песната на Белорусија „Ќе ве научам“, на групата „Галаси Зместа“. Тие ќе мора да ја преработат или да изберат нова. Во спротивно ќе бидат дисквалификувани.
Организаторите сметаат дека постои политички контекст во песната и дека наводно ги исмевала демонстрантите против лидерот во земјата Александар Лукашенко.
Петчлената група „Галаси Зместа“ е позната како гласен поддржувач на режимот на Лукашенко. Тие на својот официјален сајт објавија дека не можат да останат рамнодушни, додека демонстрантите се обидуваат да им ја растурат земјата.
Пејачот Дмитри Бутаков ја опиша песната на руски како сатирична и кажа дека не се однесува на протестите. Сепак, Европската радиодифузна унија (ЕБУ) објави дека се прекршени правилата на фестивалот, кој забранува политички пораки.
Песната, за разлика од изминатите години, кога се одржуваше јавно гласање, оваа година беше избрана од националната радиодифузна мрежа.