Ерлинг Халанд доживеа необична ситуација за време на одморот на Сицилија, откако сфати дека туристичките водичи практично го вклучиле и него во своите рути.
Норвешкиот репрезентативец престојува на јахта, а во еден момент забележал туристички брод полн со луѓе кој се приближувал до местото каде што одморал.
Патниците возбудено му мавтале, го поздравувале и се обидувале да го фотографираат напаѓачот на Манчестер Сити, а Халанд целата ситуација ја сподели на својот Јутјуб-канал, каде што објавува моменти од животот надвор од фудбалските терени.
Наместо да се налути поради големото внимание, Халанд останал добро расположен и со насмевка ги поздравил туристите.
„Организираат туристички тури со брод. Поминуваат покрај местото каде што престојувам“, прокоментирал Халанд во видеото.
Откако сфатил дека станува збор за организирана туристичка тура, норвешкиот фудбалер решил целата ситуација да ја претвори во шега.
Тој дури го имитирал туристичкиот водич кој на посетителите им ја претставува „атракцијата“.
„Дојдете и погледнете каде престојува Ерлинг Халанд“, се пошегувал напаѓачот.
На крајот признал дека никогаш претходно не доживеал нешто слично.
„Никогаш не сум видел нешто вакво“, заклучил Халанд.
Ѕвездата на Манчестер Сити моментално одмора на Сицилија по настапот на Светското првенство, на кое Норвешка беше елиминирана од Англија во четвртфиналето.
Халанд на турнирот постигна седум голови.
Необичната ситуација предизвика голем број реакции и на социјалните мрежи, а многумина беа воодушевени од начинот на кој Халанд реагирал на вниманието на туристите.
„Единствениот проблем со ова видео е што е прекратко“, напишал еден фан.
„Халанд стана туристичка дестинација“, се пошегувал друг.
„Никогаш не мислев дека ќе бидам фан на фудбалот, но го обожавам овој човек“, напишала една корисничка.
Друг коментар гласел: „Луѓето пловат со брод само за да го видат како одмора на јахта. Тотално лудо“.
Судејќи според реакциите, токму неговиот опуштен и духовит одговор на необичната ситуација дополнително ги освои фановите, а Халанд на Сицилија ненамерно стана една од локалните „туристички атракции“.






