Европската унија би можела да воведе значително построги правила за пристап на децата до социјалните мрежи. Експертски панел препорача на корисниците помлади од 13 години да им биде ограничено користењето на овие платформи на територијата на целата Унија.
Според предложениот модел, децата под оваа возраст би можеле да пристапуваат до одредени платформи единствено под родителски надзор или кога тие се користат за образовни цели.
Извештајот бил изработен на барање на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а беше претставен во Брисел во период кога сè поголем број земји бараат поефикасни начини за заштита на децата и тинејџерите во дигиталната средина.
Експертите предлагаат најмалите деца, односно оние под две години, воопшто да немаат пристап до социјалните мрежи. По наполнувањето 13 години, младите постепено би добивале поголема самостојност во користењето платформи со содржини приспособени на нивната возраст.
„Од 13-годишна возраст, тинејџерите треба постепено да добиваат посамостоен пристап до социјалните мрежи кои се соодветни за нивната возраст“, изјави Јерг Фегерт, коавтор на извештајот и медицински директор на Одделот за детска и адолесцентна психијатрија при Универзитетската болница во Улм.
Неколку членки на Европската унија веќе размислуваат за воведување законски ограничувања за малолетните корисници. Меѓу нив се Шпанија, Грција, Германија и Австрија.
Сепак, според експертите, ограничувањето на пристапот до популарни платформи како TikTok, Instagram и Snapchat најверојатно ќе бара заеднички пристап на европско ниво. Причината е што националните законски решенија мора да бидат усогласени со правилата и законодавството на ЕУ.
Фон дер Лајен во повеќе наврати изрази загриженост поради можните последици од социјалните мрежи врз децата. Како еден од примерите што Европа би можела да ги разгледа, таа ја посочи Австралија, која го ограничи пристапот до социјалните мрежи за лица помлади од 16 години.
Претседателката на Европската комисија најави дека Брисел по летото ќе претстави законски предлог со дополнителни мерки за заштита на младите корисници во дигиталниот простор.
Големите интернет-платформи веќе имаат обврски за заштита на малолетниците согласно Законот за дигитални услуги на Европската унија – DSA.
Иако најголемиот дел од социјалните мрежи формално бараат корисниците да имаат најмалку 13 години за да отворат профил, експертите предупредуваат дека овие ограничувања во практиката не се спроведуваат доволно ефикасно.
Европската комисија неодамна утврди и дека „Meta“, компанијата сопственик на Facebook, Instagram и WhatsApp, ги прекршила правилата од DSA.
Забелешките се однесуваат на дизајнот и функционирањето на платформите, за кои постои загриженост дека можат да поттикнат зависничко однесување и да предизвикаат негативни последици кај корисниците, вклучително и кај малолетните лица.
Доколку препораките прераснат во конкретно законско решение, Европската унија би можела значително да го промени начинот на кој децата пристапуваат и ги користат социјалните мрежи.






