Во ерата кога Тик-ток и Инстаграм диктираат трендови за убавина, има сè повеќе рутини со десет или повеќе чекори кои ветуваат беспрекорна кожа.
Од скапи серуми со слуз од полжав до LED маски за лице, се чини дека нема крај на производите што треба да се вклучат во вашиот секојдневен ритуал.
Сепак, дерматолозите предупредуваат – негата на кожата не мора да биде комплицирана за да биде ефикасна.
Три основни чекори
Според експертите, секоја квалитетна рутина треба да се потпира на три клучни производи: нежно средство за чистење, хидратантна крема и крема со заштитен фактор (SPF 30 или повисок).
Премногу производи можат да ја иритираат кожата, особено чувствителната, а истите активни состојки често се повторуваат во различни креми.
Сончевата светлина, истакнуваат дерматолозите, е најодговорна за повеќето проблеми – од брчки и хиперпигментација до лузни од акни.
Ретинол и пилинг: кога и како?
Ретинолот и хемискиот пилинг често се претставуваат како чудотворни решенија за младешки изглед. И додека ретинолот навистина може да помогне во забавување на стареењето, дерматолозите советуваат да не се почнува со негова употреба пред триесетгодишна возраст – неговата употреба порано може да предизвика иритација.
Кога станува збор за ексфолијација, препораката е хемиска (AHA или BHA киселини), а не механичка со зрна сол или шеќер, бидејќи грубите зрна можат да ја оштетат тенката кожа на лицето. Секако, задолжителен придружник за секоја киселина е крем со заштитен фактор.
Трендови што треба да се прескокнат
Иако социјалните мрежи секојдневно лансираат нови хитови за убавина, дерматолозите нагласуваат дека не сите од нив се безбедни или корисни. Експертите советуваат да заборавиме на моменталниот вирален тренд – користење на говедски лој во негата на лицето.
Истото важи и за маските со светлина: црвената светлина може да има благ ефект врз производството на колаген, но резултатите се далеку од трансформативни и бараат долгорочна и честа употреба.
Цената не е гаранција за квалитет
Друга важна порака е дека скапите производи не мора да значат подобри резултати. Активните состојки во крем што чини 800 денари често се идентични со оние во крем што чини три илјади или дури десет илјади денари.
Затоа, дерматолозите препорачуваат купувачите да обрнат внимание на составот, а не на цената или името на брендот.
фото: принтскрин