Забраната за социјални мрежи за помлади од 16 години стапи во сила во Австралија

Забраната за социјални мрежи за помлади од 16 години стапи во сила во Австралија

пред 1 час

Забраната за користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години стапи во сила на полноќ по локално време во Австралија.

Платформите како Инстаграм, ТикТок и Јутјуб сега се обврзани да ги блокираат профилите на корисниците помлади од 16 години или ќе се соочат со казни до 33 милиони долари, пренесе Ројтерс.

Забраната, која ја пофалија родителите и активистите за заштита на децата, а ја критикуваа технолошките гиганти и застапниците на слободата на говор, претставува прв практичен обид за регулирање на пристапот на децата до дигиталните платформи и се очекува да стане модел за други земји што размислуваат за слични мерки.

„Иако Австралија е прва што усвои вакви ограничувања, малку е веројатно дека ќе биде последна“, изјави професорката за интернет-студии на Универзитетот Кертин, Тама Ливер.

Влади – од Данска до Малезија, како и поединечни американски држави – веќе разгледуваат слични чекори, истакнува Ројтерс.

Забраната првично ги опфаќа десетте најголеми платформи, вклучително и Јутјуб, Инстаграм и ТикТок, а листата ќе се проширува како што се појавуваат нови производи и корисниците преминуваат на алтернативи.

Платформите ќе ја проценуваат возраста на корисниците со помош на алгоритми, податоци од лични документи или поврзани банкарски информации.

Иако платформите тврдеа дека забраната ја ограничува слободата на говор и го загрозува идниот прилив на корисници, владата истакнува дека целта е заштита на децата и намалување на штетното влијание на дигиталните медиуми.

Пред стапувањето на забраната во сила, 86 проценти од децата на возраст од осум до 15 години користеле социјални мрежи.

Комесарот за е-безбедност го ангажирал Универзитетот Стенфорд и 11 академици да ги следат ефектите од забраната најмалку две години, за Австралија да може да обезбеди податоци за регулаторите и законодавците ширум светот.

Ко-директорот на Центарот за вештачка интелигенција, доверба и управување на Универзитетот во Сиднеј, Тери Флу, оцени дека „деновите на неограничено самоизразување на децата на социјалните мрежи полека поминуваат“, истакнувајќи ја важноста на новата регулатива.

Share
Scroll to Top