Познатиот британски водител Џереми Кларксон се осврна на целокупната ситуација во врска со интервјуто кое Меган Маркл и принцот Хари го дадоа на Опра Винфри, а кое се претвори во скандал што го потресе британското кралско семејство.
Кларксон во колумна за The Sun напиша дека Меган Маркл е „омилена меѓу оние кои се млади и глупави и кои веруваат дека нејзиното глупаво изигрување жртва ќе доведе до пропаст на монархијата“.
Тој смета дека британското кралско семејство преживеало многу полоши работи како љубовни афери и отсекување глави.
„Прилично сум сигурен дека ќе ги пребродат баналните размислувања на малата смешна телевизиска актерка. Верувајте ми, Меган е готова. За пет години ќе позира кај Таџ Махал или на јахта на некој плејбој, а кутриот принц ќе сфати дека без никаква причина останал без работа“, напиша Кларксон.