Актерката Камка Тоциновски, костимографката Емилија Ивановска-Атанасовска и електричарот Драги Јанчев-Црни се годинашни добитници на почесните награди на петтиот фестивал на македонски филм Златна рамка. Друштвото на филмски работници ги награди за најдобар филмски актер, автор и работник.
Тоциновски има дипломирано на ФДУ на отсекот актерска игра во 2001 година. Има повеќе од дваесетина улоги во македонски долгометражни и краткометражни филмови, а особено впечатлива и актуелна е во последниве десетина години во улогата на храбри женски ликови.
Публиката ја памети во улогите на мајката на Јан во „Превртено“ на Игор Иванов Изи, Нина во „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, Дара во „До Балчак“ на Столе Попов“, Катерина во „Врба“ на Милчо Манчевски, Јоана во „Нема да бидеш сама“ на Горан Столевски, колешката на Кети во „Хомо“ на Игор Иванов Изи и многу други.
Емилија Ивановска-Атанасовска има работено на бројни филмски проекти и серии. Препознатлива дизајнот на костимите, со детално истражување кон карактерите, времето во кое се случува приказната и воопшто комплетно оформување.
Меѓу најпознатите филмови на кои работела се вброени: долгометражните „Три дена во септември“ на Дарјан Пејовски, „До Балчак“ на Столе Попов, краткометражните „Црвената соба“ и „Роденден“ на Косара Митиќ, „Секој ден мора да се јаде“ на Марко Џоковиќ, потоа сериите „Црвениот поет“, „Збогум Румелија“, „Преспав“, како и бројни комерцијални видео реклами.
Драги Јанчев-Црни работи повеќе од три децении на сетови на македонски филмови со опремата за осветлување и за снабдување на електрична енергија на сетот.