Игуани паѓаат од дрва поради ниските температури на Флорида

Игуани паѓаат од дрва поради ниските температури на Флорида

пред 2 години

Игуани паѓаат од дрва поради ниските температури на Флорида. Станува збор за ладнокрвни животни, на кои кога ќе им стане ладно, се случува да паѓаат. И покрај тоа што се неподвижни, гуштерите не се мртви, туку само замрзнати односно во поза што е комична и суштинска за нивниот опстанок, велат експертите.

Кога температурите ќе паднат под седум степени Целзиусови, игуаните преминуваат во состојба на мирување. Тоа е начин да се заштитат додека температурите поворно не стигнат на 10 степени.

Во таквата состојба, замрзнатите игуани дишат, а најважната телесна функција и понатаму работи, пишува „Си-ен-ен“, а пренесе RTS.

„Можеби ќе паднат од дрво, но не се мртви“, соопштија од Националната метеоролошка служба во Мајами. Единствено за што жителите на Флорида треба да бидат загрижени е да не им паднат на глава.

„Кога ладните вкочанети и заспани гуштери паѓаат од небо, можат да завршат на улица, на автомобилите, па дури и на самите луѓе додека минуваат. Бидејќи се големи, возрасните мажјаци можат да достигнат и до 150 сантиметри и тежат девет килограми, се опасни ако паднат врз луѓето“, предупредуваат службите.

Студеното време може да биде опасно за игуаните ако температурата падне на седум степени под нулата и се задржи околу осум часа. Некои од игуаните можат да угинат, особено оние помалите.

„Граничната температура кога игуаните почнуваат да влегуваат во состојба на зимски сон во голема мерка зависи од големината на игуаните. Колку игуаната е поголема, може да толерира поголем студ во подолг период“, рече Рон Магил од Зоолошката градина во Мајами.

Дури и ако температурите останат седум степени под нулата, подолг период, некои игуани имаат начин да преживеат. Така многу од нив, на Јужна Флорида, од студното бегаат длабоко во нивните јами.

 

Share
Scroll to Top