Изминатите месеци беа многу тешки за мене, призна Ѓоковиќ пред враќањето на терените

Изминатите месеци беа многу тешки за мене, призна Ѓоковиќ пред враќањето на терените

пред 3 години

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ призна дека многу тешко го доживеал отсуството од турнирите бидејќи не сака да се вакцинира против ковид-19, но вели дека сега е подготвен да го остави тоа зад себе и да се фокусира на кариерата. Новак ќе игра на мастерсот во Монте Карло и тоа ќе биде негов втор турнир оваа година, по оној во Дубаи во февруари, каде што стигна до четвртфиналето.

Најдобриот светски тенисер беше депортиран од Мелбурн, по што не можеше да ја брани титулата на Отвореното првенство на Австралија, а потоа не доби дозвола за настап и на мастерс турнирите во Индијан Велс и Мајами.

„Се надевам дека нема да играм шест меча за шест месеци! Изминатите три-четири месеци беа многу тешки за мене, ментално и емоционално. Но, еве сум, го оставив сето тоа зад себе и гледам кон напред. Мислам дека тоа нема да остави траги врз мене, може само да ме мотивира“, вели Ѓоковиќ, кој утре ќе го има првиот меч, против Шпанецот Алехандро Давидович Фокина.

Во негово отсуство, Рафаел Надал ја освои рекордната 21. Гренд слем титула, а Данил Медведев привремено се искачи на првото место на АТП-листата.

„Веројатно нема да бидам во најдоброто издание во почетокот. Сè уште ги тестирам моите мотори, ќе ми треба време да ја најдам потребната игра. Изминатите месеци беа навистина предизвикувачки, нешто што не сум го искусил досега“, призна Ѓоковиќ.

Share
Scroll to Top