„Ил диво“ ќе има концерт во Скопје посветен на починатиот пејач Карлос Марин

„Ил диво“ ќе има концерт во Скопје посветен на починатиот пејач Карлос Марин

пред 2 години

Светската музичка атракција „Ил Диво“ на 15 октомври ќе има концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Концертот насловен „Ил Диво – Најголемите хитови“ е посветен на Карлос Марин, четвртиот пејач на бендот, кој почина лани од корона во текот на нивната турнеја.

dobivaj vesti na viber

„Ил Диво“ оваа година ќе одржи 60 концерти, а ќе пеат популарни музички арии во оперски рок стил. Со концертот тие ќе одбележат 20 години постоење.

Концертот во Скопје и целата турнеја ќе го слави животот на починатиот Карлос Марин. Марин го одржа својот последен концерт со бендот на 6 декември во рамките на новогодишната турнеја во Велика Британија. Веќе следниот ден беше откриено дека е позитивен на корона и беше хоспитализиран во Манчестер на 8 декември. Неколку дена подоцна, Марин беше ставен во медицински индуцирана кома и беше префрлен во Кралската болница во Манчестер, каде што почина на 19 декември.

„Карлос беше голема личност, ретка комбинација на неверојатна убавина, глас кој беше дар од Бога и извонреден талент. Тој беше сакан од милиони фанови од целиот свет и ние сме среќни и почестени што можевме да настапуваме со него толку многу години. Неговата живост, пријателство и брилијантен глас многу ни недостасуваат. Во негова чест ќе ја основаме Фондацијата „Карлос Марин“ и ќе му оддадеме почит на неговото пеење на идните настапи. Нека сите го паметат по неговата прекрасна душа, неверојатниот талент и нека почива засекогаш во мир“, напишаа членовите на Ил Диво.

„Ил Диво“ е формиран 2003 година, а ги водеше познатиот британски музички и телевизиски продуцент Сајмон Кауел. Тие влегоа во Гинисовата книга на рекорди во 2006 година за најпродаваниот албум на една меѓународна група. Групата има продадено над 26 милиони албуми ширум светот, 50 пати го достигна првото место, доби над 160 златни награди за најпродавани албуми во над 33 земји и забележа четири светски турнеи кои соборуваат рекорди.

Настанот е во организација на „Прагма продукција“.

Share
Scroll to Top