Инстаграм воведува револуционерна функција: Фотографии без филтри што исчезнуваат по прегледувањето

Инстаграм воведува револуционерна функција: Фотографии без филтри што исчезнуваат по прегледувањето

пред 2 часа

Инстаграм воведе нова функција наречена „Instants“, со која платформата прави голем чекор кон поспонтана и помалку „совршено уредена“ комуникација меѓу корисниците.

Новата функција овозможува фотографиите да се испраќаат веднаш по фотографирањето, без филтри, сложено уредување или долга подготовка на содржината. Откако примателите ќе ја погледнат фотографијата, таа автоматски исчезнува.

„Instants“ е интегрирана во главната апликација на Инстаграм, но компанијата паралелно тестира и посебна апликација која е наменета исклучиво за брзо фотографирање и испраќање фотографии во реално време.

Целта на новата функција е, според компанијата, да се врати атмосферата од почетоците на Инстаграм, кога корисниците објавуваа спонтани моменти од секојдневниот живот, наместо внимателно режирана и визуелно „испеглана“ содржина.

Преку „Instants“, фотографиите се испраќаат директно преку приватни пораки, а примателите можат да реагираат или да одговорат на испратената содржина. Можностите за уредување се сведени на минимум, па корисниците можат да додадат само краток опис покрај фотографијата.

Иако фотографиите исчезнуваат по отворањето, Инстаграм сепак ги чува во приватна архива одреден временски период. Подоцна тие ќе можат да се претворат во „сториња“ или кратки дигитални спомени.

Новата функција носи и дополнителни безбедносни и приватни контроли. Корисниците сами избираат на кого ќе му ја испратат содржината – без разлика дали станува збор за блиски пријатели или одредени контакти. Достапна е и опција за повлекување на фотографијата пред примателот да ја отвори.

Од Инстаграм велат дека постојните безбедносни механизми остануваат активни, вклучително и блокирање профили, ограничувања и дополнителни заштитни мерки за помладите корисници.

Компанијата во моментов ја тестира и посебната апликација „Instants“ на одредени пазари, со цел корисниците да добијат побрз пристап до камерата и поедноставно искуство без многу менија, реклами и дополнителни функции.

Многумина овој потег го толкуваат како обид Инстаграм повторно да се врати кон поедноставното користење и автентичната комуникација, откако платформата со години се соочува со критики дека станала премногу комерцијализирана и преплавена со алгоритамска содржина.

Новата функција потсетува и на концептите што ги направија популарни други социјални мрежи, особено исчезнувачките пораки и спонтаните објави, па останува да се види дали корисниците ќе го прифатат новиот правец што го нуди Инстаграм.

Share
Scroll to Top