Британска новинарка откри како ги отстранила маснотиите и непријатниот мирис од микробрановата печка побрзо отколку што очекувала.
Чистењето на микробрановата печка е една од оние домашни работи што многу луѓе ги одложуваат до последен момент – обично додека не почнат да се шират непријатни мириси од неа, а внатрешноста е покриена со слој маснотии и суви остатоци од храна. Иако често се чини дека темелното чистење бара силни хемикалии и многу триење, има сè повеќе совети што покажуваат дека решението може да биде изненадувачки едноставно и природно.
Токму ова е трикот што британската новинарка Софи Лоу, заменик-уредник на рубриката „Слободно време“ во издавачката куќа Reach Plc, која пишува за патувања, недвижности, домашни трикови, градинарство, готвење и рецепти, реши да го проба.
Нема хемија
„Без спрејови, без хемикалии, без триење – само лимон и сад со вода. Звучеше речиси премногу добро за да биде вистина“, забележа таа.
Сепак, со оглед на состојбата на нејзината микробранова печка, таа решила да се обиде.
Таа го опиша процесот како многу едноставен. Прво, пресекла лимон на половина, го исцедила сокот во сад со вода погоден за микробранова печка и ги ставила двете половини од лимонот во водата. Потоа го ставила садот во микробрановата печка и ја вклучила на полна моќност три минути.
„По само неколку секунди, кујната беше исполнета со свеж мирис на лимон“, вели таа.
Откако завршила програмата, ја оставила вратата од микробрановата печка затворена уште неколку минути, што се покажало како клучен чекор. Во тој период, пареата останала во внатрешноста и дополнително ги омекнала стврднатите наслаги.
Таа ја потопила крпата во топлата вода со лимон, осигурувајќи се дека не е премногу жешка, и ја избришала внатрешноста само еднаш.
„Маснотијата буквално се лизгаше, без никаков отпор“, напиша таа.
Дури и тврдокорните дамки на горниот дел од микробрановата печка, за кои вообичаено се потребни неколку обиди, исчезнале за неколку секунди.
За особено тврдокорната нечистотија, таа открива дополнителен трик: можете да додадете лажичка сода бикарбона во водата со лимон, која, како блага киселина, дополнително помага во разградувањето на маснотиите без оштетување на површините.
На крајот, таа заклучи дека овој едноставен трик пријатно ја изненадил, бидејќи микробрановата печка била чиста за само неколку минути, без триење или користење агресивни средства за чистење.
фото/Depositphotos






