Како е можно филмски пиштол реквизит да убие

Како е можно филмски пиштол реквизит да убие

пред 2 години

Откако актерот Алек Болдвин ненамерно ја уби камерманката Халина Хачинс и го рани режисерот Џоел Соуза на снимањето на неговиот нов филм „’Рѓа“, во јавноста се поставува прашањето како е можно филмски реквизит да убие човек и зошто би се користел вистински пиштол на филмски сет? Инцидентот се случил кога Болдвин го чистел пиштолот реквизит кој бил наполнет со т.н. ќорци.

Според инструкторот за огнено оружје, Дејв Браун, причината за ова е убедливост на сцените. Тој во натпис за списанието „Американски кинематографер“ во 2019 година, откри дека вистинското огнено оружје создава впечаток за автентичност, особено кога се снима во крупен план. Секој што некогаш држел вистинско оружје во раката, може да потврди дека вистинскиот пиштол изгледа и тежи сосема поинаку од лажниот.

Но, според Браун, употребата на вистинско огнено оружје на филмски сет или на снимањето серии, бара и обучен професионалец чија задача е да се осигури и дека оружјето се користи во согласност со строгите безбедносни мерки.

Ќорецот е всушност речиси идентичен со куршум, а клучната разлика е самиот проектил. Наместо оловниот проектил што го имаат вистинските куршуми, врвот на ќорецот обично се запечатува со восок или некој друг материјал што спречува барутот да испадне од внатрешноста на патронот. Тоа значи дека со повлекување на чкрапалото на пиштол со ќорци во цевката, ќе добиете ефект речиси идентичен како истрелување на вистински куршум – звук, повратен удар, блиц на цевката, исфрлен патрон – сè е исто, освен што во случај на ќорец нема парче олово што излегува од цевката.

Со употреба на пиштол реквизит може да дојде и до смрт ако пиштолот е неправилно наполнет. Во 1993 година на снимањето на филмот „Враната“ смртно беше ранет актерот Брендон Ли, син на легендарниот Брус Ли. Во цевката на пиштолот претходно останал вистински куршум, а кога во оружјето бил додаден и ќорец, експлозијата од цевката го истуркала проектилот, кој претходно бил заглавен и го усмртил Ли. Тој починал по шест часа во болница.

Истрагата за овој немил настан сè уште е во тек, a Болдвин по инцидентот сам се пријавил во полиција за да даде изјава.

(Фото) Алек Болдвин случајно уби снимателка на снимање на филм и го рани режисерот Џоел Соуза

Share
Scroll to Top