Камерниот оркестар „Профундис“ и светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ со спектакуларен „Candlelight“ концерт на „Охридско лето“

Камерниот оркестар „Профундис“ и светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ со спектакуларен „Candlelight“ концерт на „Охридско лето“

пред 2 часа

Камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, на 6 август ќе настапи во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид, каде заедно со светски реномираниот виолинист Стефан Миленковиќ ќе приреди несекојдневен „Candlelight“ концерт во рамките на официјалната програма на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Во уникатниот амбиент на „Св. Софија“, под отворено небо и осветлен со илјадници свеќи, љубителите на класичната музика ќе имаат можност да уживаат во концерт што ги спојува врвната музичка интерпретација, впечатливата сценографија и магичната атмосфера на еден од најзначајните културно-историски локалитети во Македонија.

Концептот на концерти под светлина на свеќи во последните години стана еден од најпопуларните концертни формати во светот, нудејќи поинакво доживување на класичната музика. Наместо традиционална концертна сцена, публиката добива интимно и визуелно богато искуство, во кое музиката, архитектурата и светлината се спојуваат во единствена уметничка целина.

На концертната програма ќе бидат изведени дела од Петар Илич Чајковски, Ралф Вон Вилијамс, Камиј Сен-Санс и Пабло де Сарасате. Публиката ќе има можност да ги слушне „Серенада за гудачи“ оп. 48, „Возлет на чучулигата“, „Интродукција и Рондо капричиозо“, како и прочуената „Кармен фантазија“ оп. 25 – едно од највиртуозните и технички најпредизвикувачки дела за виолина, кое претставува вистински предизвик и за најголемите светски виолинисти.

Основачот и диригент на Камерниот оркестар „Профундис“, маестра Ѓурѓица Дашиќ, истакнува дека токму ваквите проекти се дел од визијата на ансамблот – класичната музика да се доближи до публиката на современ и поинаков начин.

„Candlelight концептот отвора нов простор за комуникација со публиката. Тоа не е само концерт, туку целосно уметничко доживување во кое музиката, атмосферата и просторот се надополнуваат. Предворјето на ‘Св. Софија’ има исклучителна енергија и историја, а верувам дека со музиката на Чајковски, Сарасате и останатите автори ќе создадеме вечер што долго ќе остане во сеќавањето на публиката. Посебно ме радува повторната соработка со Стефан Миленковиќ, со кого имаме исклучителна музичка синергија и енергија на сцената“, изјави Дашиќ.

И самиот Стефан Миленковиќ со задоволство ја најавува новата соработка со „Профундис“, истакнувајќи дека ансамблот го издвојува неговата музичка енергија и искрен пристап.

„Секогаш со големо задоволство настапувам со ‘Профундис’. Тоа е оркестар со извонреден квалитет, но пред сè со силна енергија, карактер и ентузијазам. Од првата соработка почувствувавме природна музичка синергија и меѓусебна доверба, а токму тоа ја прави секоја изведба жива и искрена. Убеден сум дека амбиентот на ‘Св. Софија’, под отвореното небо и светлината на илјадници свеќи, ќе создаде навистина посебна атмосфера во која публиката целосно ќе ѝ се препушти на музиката. Македонија е земја што многу ја сакам и секогаш со радост се враќам, а особено ми е драго што повторно ќе настапам во прекрасниот Охрид“, порача Миленковиќ.

Камерниот оркестар „Профундис“, основан во 2019 година од маестра Ѓурѓица Дашиќ, за краток период се етаблира како еден од најактивните и најпрепознатливи камерни ансамбли во Македонија и регионот. Оркестарот зад себе има бројни концерти со врвни домашни и светски солисти, настапи на престижни фестивали и концертни сцени во Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина и Италија, а е препознатлив и по своите иновативни концертни концепти, меѓу кои се издвојуваат „Candlelight“ и „Groove“.

Концертот на 6 август е дел од програмата на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“, една од најреномираните културни манифестации во Македонија и регионот, која и оваа година ќе донесе врвни уметници и незаборавни музички доживувања.

Share
Scroll to Top