Кафе-муабет со Марија Лозаноска: По кремот ставам насмевка на лицето

Кафе-муабет со Марија Лозаноска: По кремот ставам насмевка на лицето

пред 4 години

Со каква енергија ќе легнеш, со таква и ќе станеш. Така и ми почнува утрото. Станувам порано за да зграбам две среќи и да можам да поуживам повеќе во утрото пред да ми почне работниот ден.

Наутро пијам шолја големо турско кафе без шеќер откако знам за себе. Сакам да сум сама  затоа што уживам да наоѓам идеи додека умот сè уште ми е свеж, а најчесто тие ми доаѓаат во таа тишина. Кафето го сакам и со книги и без книги. А, инспирацијата за пишување ми е како кафето, консумирај додека е жешко.

Позитивните мисли што ме водат низ денот се поврзани со моите амбиции за животот, со тоа што ми се дале многу благослови преку моите таленти, со здравјето на блиските, а благодарна сум и за тоа што го имам, но и за тоа што го немам.

Кај мене нема викенд, кај мене е флуидно. Како уметник секогаш се водам од инспирацијата, од потребата за одмор и нагонот за работа. Имам среќа што сама си одлучувам кога ми е викенд.

Утринските ритуали за нега и убавина ми почнуваат така што ставам дневна крема, насмевка и се оттргнувам од црните мисли, па така веднаш човекот е поубав. Освен основната хигиена, мора да поработиме и на душевната.

Облеката, пак, ја одредувам според временските услови. Ако во душата ми врне, може да се облечам во парче облека со кое никогаш не грешам, но кога во душата ми огреало сонце, тогаш знам дури и специјален накит да си направам самата за тој ден. Не е до настанот, до мене е.

Кафе-муабет со Марија Лозаноска, писателка

Share
Scroll to Top