Кинеското земјоделство забрзано влегува во ерата на вештачката интелигенција, роботиката и автономната механизација. Во североисточната провинција Хејлунгџијанг, една од најголемите земјоделски области во земјата, веќе масовно се применуваат сателитско следење, дронови, сензори и интелигентни земјоделски машини.
Механизацијата на орањето, сеидбата и жетвата во оваа провинција достигнала 99,28 проценти. Во 2025 година Хејлунгџијанг располагала со околу 676.000 интелигентни земјоделски машини, додека со помош на сателити, сензори и вештачка интелигенција се следат околу 3,2 милиони хектари обработливо земјиште.
Новите технологии не служат само за автоматизација, туку и за решавање конкретни проблеми во производството. Дроновите ги надгледуваат посевите и откриваат можни болести и штетници, додека системите со вештачка интелигенција ги анализираат податоците за почвата, временските услови и развојот на растенијата.
Врз основа на собраните информации, системите предлагаат оптимални периоди и количини за наводнување и ѓубрење, со што се намалуваат трошоците и непотребното трошење ресурси.
Особено впечатлив пример се роботите за уништување плевел. Со помош на камери и сензори тие ги разликуваат земјоделските култури од плевелот, а потоа го отстрануваат со ласер, без употреба на хемиски средства.
Според податоците објавени од кинеските власти, ваквиот систем постигнува ефикасност поголема од 95 проценти при отстранувањето на плевелот.
Дигитализацијата забрзано се развива и во соседната провинција Џилин. На фарма со 267 хектари оризови полиња, управителот преку мобилен телефон може да ги следи состојбата на почвата, временските услови и растот на посевите. Доколку системот регистрира проблем, на терен може да биде испратен дрон за дополнителна проверка.
Голема разлика во однос на Македонија
Технолошкиот развој на кинеското земјоделство отвора важно прашање за можностите и иднината на земјоделското производство во Македонија и на Балканот.
Според податоците од Структурното истражување за земјоделските стопанства на Државниот завод за статистика, просечното земјоделско стопанство во Македонија користело само 1,8 хектари земјоделско земјиште. Истовремено, 60,8 проценти од стопанствата обработувале површина до еден хектар.
Разликата меѓу двете земји не се состои само во големината на обработливите површини, туку и во пристапот кон технологијата и модернизацијата.
Додека Кина инвестира во системи што треба да ја намалат зависноста од рачна работа и да ја зголемат продуктивноста, македонските земјоделци сè уште се соочуваат со расцепкани и мали парцели, застарена механизација и високи производни трошоци.
Примерот од Кина покажува дека иднината на земјоделството сè повеќе ќе зависи од дигиталните технологии, автоматизацијата и прецизното управување со ресурсите.






