Кога дознав дека имам тумор не сакав да живеам, Зои Блаж отворено за болеста со која се соочува

Кога дознав дека имам тумор не сакав да живеам, Зои Блаж отворено за болеста со која се соочува

пред 3 години

Зорица Блажева, уште позната како Зои Блаж е мејк ап артист и сопственик на свое студио за убавина „Star Make Up“. Таа постојано е и на Инстаграмот каде ја прикажува својата уметност и секојдневие.  Зои неодамна откри дека има бениген тумор на хипофизата, па во интервју за „Репортер“ таа ни раскажа за борбата со овој здравствен проблем.

„Проблемот започна пред скоро 5 години, најпрво со појавување на акни на моето лице“, потоа хормонските испитувања покажаа дека имам хормонален дисбаланс, поточно, покачен пролактин и TSH проблем со тероидна жлезда. Еден период додека примав терапија ми дојде во нормала, но за жал не е баш така лесно, па за краток период сè ми беше дупло покачено, па испитав и други работи“, вели Зои.

Таа додава дека хипофизата ја имала испитувано и претходно, но немало ништо, сè до лани кога случајно открила дека има бениген тумор (адемом) на градата, односно двојно покачување на хормони. Тогаш одлучила да ја сними хипофизата.

„На почетокот моите криеа, бидејќи за кратко време ми беа откриени два аденома и се плашеа да ми кажат, но по нивните реакции мене ми беше јасно и на крај ми кажаа. Првите неколку дена само плачев, не се дружев, едноставно не сакав да живеам и се откажав од себе. Но за брзо се вратив, сфатив дека сето тоа е една лекција и дека Бог не ни дава нешто што не можеме да го надминеме, тука беше и мојот вереник Тадеј со секојдневни разговори кој ме врати многу посилна и похрабра“, искрена е Зои.

Таа вели дека може да се живее со адемом на хипофизата и дека не е страшно доколку не се шири и мирува, па затоа и нема потреба од операцијата. Сепак според докторите со кои се консултирала, доколку тој ја надмине нормалата и прави притисок на долниот дел или на било кој дел од мозокот, тогаш мора да се оперира.

Вели дека не се плаши, бидејќи знае дека може сè да издржи и дека вреди да се бори.  Следен чекор е да направи повторна магнетна резонанса и понатамошна терапија, иако како што вели таа, еднаш ѝ била дадена погрешна доза, но овој пат се надева дека сè ќе биде во ред.

„Хипофизата ми прави чести главоболки и вртоглавици, заборавам работи и морам да запишувам, се префрлам од една на друга тема и немам концентрација, но со текот на време ке се поправи и тоа“, вели Зои за тешкотиите со кои се соочува.

На темата за убавина, Зои дека контунирано се грижи за кожата на лицето. Па така, покрај секојдневната дневна и ноќна рутина која ѝ одзема околу 10 минути, таа оди на третман во „Скинфинити“ кај др. Сања, која ѝ прави соодветни третмани за да ги спречат акните, па така успеале во тоа и покрај тоа што нејзиниот здравствен проблем не е само надворешен .

„Си бара доста време негата, трпение и верба во луѓето што сме ги одбрале да соработуваме. Најчесто користам линија на La Roche која е наменета баш за проблематична кожа и топло им ја препорачувам на сите. Од професионалните третмани, можам да ги издвојам ПРП , длабинско рачно чистење, хемиски пилинг, микродермаобразија, ПРХ и тн. Мораме да сфатиме дека акните доаѓаат преку ноќ, а не знаеме кога ќе си одат, па затоа дека мора да сме трпеливи и да се бориме со нив“, вели Зои за „Репортер.мк“

Зои ни откри дека уште како дете сакала шминки, а кога била тинејџерка, често добивала пофалби за својот труд. Покрај себеси, ги шминкала другарките и роднините за свадба, кои постојано ја терале да започне нешто свое, но таа не се чувствувала спремна. Сепак еден ден, одлучила да направи свој профил и да започне да шминка. Таа веќе пет години успешно се занимава со оваа работа, за што сведочат нејзините задоволни клиентки и препораки.

Но покрај шминкањето, Зои се занимава со пеење уште од дете. Почнала со Златно славејче, потоа во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ и накрај се запишала на Музичката академија, каде студиите моментално ѝ се во мирување. Професионално започнала да пее на 16 години, со настапите на Сунчане скале во Црна Гора, на фестивал во Врњачка бања, Охрид фест итн. Досега има 8 нејзини песни.

„Искрено уметноста ги поврзува двете професии, некогаш ми фали тој адреналин од свирките и си викам да се вратам но сепак мислам дека помина тој дел од мојот живот и сега си го работам баш тоа што ме смирува. Често знам да запеам во друштво или на некоја прослава“, вели Зои за поврзаноста меѓу шминкањето и музиката.

Зои им порачува на сите кои се соочуваат со сличен или ист како нејзиниот проблем да се грижат за себе и редовно да одат на контрола кај доктори во кои имаат доверба.

„Најпрво прифатете се такви какви што сте, научете се да живеете со тоа, сакајте се себеси за да може да ве сакаат и прифатат другите. Не се откажувајте се, она што е лошо ќе помине, бидејќи после дождот доаѓа сонце. Одете со дигната глава и чекорите цврсто“, вели Зои.

Марија Прличкова

 

Share
Scroll to Top