Започнувањето на денот со шолја кафе е без сомнение едно од најубавите животни задоволства. Но покрај тоа што ни е веќе влезен во рутина, кофеинот ни помага подобро да го започнеме денот бидејќи ни дава енергија, како и многу други придобивки – го подобрува метаболизмот и го олеснува согорувањето на мастите дури и додека се одмораме.
Но дали знаевте дека постои совршено време за овој дневен ритуал, бидејќи во спротивно овој пијалок би можел да стане контрапродуктивен и да ни се одземат сите придобивки?
Има многу добри навики кои можеме, а би било добро да ги вклучиме во утринската рутина. На пример, ако сте еден од оние кои апсолутно копнеат за кофеин веднаш штом ќе станете од креветот, можеби ќе треба да го промените тоа. Имено, ваквиот потег може да направи повеќе штета отколку корист. Ова се должи на хормонот на стрес наречен кортизол. Според истражувањата, тој ни помага да останеме будни и фокусирани, а го регулира и метаболизмот, имунитетот, па дури и крвниот притисок.
Секое утро, нивото на кортизол природно се зголемува и го достигнува својот врв околу 30 минути по будењето. Сепак, кофеинот може уште повеќе да го зголеми. Прекумерното лачење на кортизол во текот на подолг временски период може да го загрози имунитетот.
Истражувањата покажаа дека најдобро е кафето да се свари малку подоцна, кога нивото на кортизол ќе падне. На пример, ако се разбудите во 7:00 часот, можете да пиете кафе помеѓу 10:00 и пладне. На овој начин ќе бидете полни со енергија без никакви несакани ефекти. Експертите исто така предлагаат да се пие кафе околу 30 минути пред некоја важна задача, како што е полагање испит, презентација или состанок. Сепак, сите сме различни, па затоа треба сами да одредиме што најмногу ни годи и ни одговара на нашата продуктивност.
Меѓутоа, ако сте спремни да ја промените утринската рутина, може да откриете дека одложувањето на пиењето кафе за неколку часа ќе ви даде повеќе енергија.