Со концерти, огнено шоу, детска програма и големи маскоти, викендов Сити мол ќе прослави 10 години од своето отворање.
Тридневната забава почнува денес (30 септември) со настапи на познати диџеи од домашната клупска и радио сцена, а концерт ќе има диригентот Џијан Емин и The Magical Orchestra: Електро Симфонија. Во сабота, 1 октомври, концерт ќе одржи македонската поп-ѕвезда Каролина Гочева, а истата вечер ќе настапат уште неколку домашни бендови и диџеи. Програмата на третиот ден, 2 октомври е првенствено за најмладите кои ќе може да ги видат Светот на Биби, Фамилија 5+, а во музичкиот дел ќе настапат децата од фестивалот Златно славејче.
Концертите ќе се одржат на отворениот паркинг на покривот на Сити мол. Влезот е слободен, а капацитетот е 2500 луѓе. Организаторите најавија дека откако капацитетот ќе се пополни, влезовите за концертите ќе бидат затворени, по што ќе продолжат да работат на принцип излез-влез поради одржување на бројката од 2500 луѓе.
Јубилејот ќе се одбележи и со попусти во сите дуќани, а попустите ќе траат до 4 октомври.








