Брејнчајлд продукција и производство е новооформена фабрика во Битола од страна на странски инвеститор, посветена да постави еколошко OEM производство. Таа донесе револуција за индустријата за кајтови и крилја. Во моментот во Брејнчајлд Продукција има 30 вработени, а во Брејнчајлд Производство 226 вработени.
Се работи за две компании, посебни правни ентитети, од кои Брејнчајлд Продукција ДОО Битола е центар за истражување и развој каде што се тестираат нови технологии, се тестираат и произведуваат материјали за производство, се тестираат нови начини и се создаваат нови типови на производи. Додека пак Брејнчајлд Производство ДОО Битола е производна компанија, во која се мултиплицираат преку сериско производство веќе одобрените производи кои поминале на фаза на прототипи во центарот за истражување и развој.
Новата инвестиција денеска ја посети премиерот Христијан Мицкоски.
„Денеска имаме приватна иницијатива која што на почетокот на оваа Влада започна со процесот на реализирање на оваа инвестиција и еве денеска сите сме сведоци, а и слушнавте од сопственикот на овој објект дека станува збор за една ретка инвестиција за производи кои што кај нас не така често се користат, а во светот се користат во делот на спортовите на вода, така што нас како Влада ни претставуваше особена чест и задоволство да можеме да поддржиме една ваква инвестиција каде што веќе околу 230 луѓе се вработени, инвестиција во вкупна вредност од околу 11 милиони евра и на тој начин да продолжиме да поддржуваме инвестиции кои што ќе бидат додадена вредност во македонската економија“ рече премиерот Мицкоски.

Премиерот се заблагодари на градоначалникот и на општинската администрација кои што помогнаа за брза реализира оваа инвестиција и најави дека се работи на уште најмалку две заинтересирани инвестиции кои би се изградиле во периодот кој следува во Битола.
На свеченото отворање на оваа инвестиција свое обраќање имаше и градоначалникот на Битола Тони Коњановски кој истакна дека заложбите за економски напредок на Битола, стануваат реалност. Покрај вложувањата во инфраструктурата во Битола, во насока на создавање подобри услови за инвеститорите, Општина Битола посебно се фокусира и на напредокот на Индустриската зона „Жабени“.

„Радува фактот што во последните години тука има неколку нови инвестиции, а на седум јавни наддавања купени се преку 20 локации. Денес сме тука со голем повод и среќни сме за новата инвестиција. Во компанијата за производство се работи на редовни нарачки од клиентите и месечно се произведуваат по 900-1100 производи.
Главен производ кој се произведува е спортско крило за скијање на вода, кајт, кој што го користат светски шампиони во овој спорт. Среќен сум што се тука кај нас и што можеме денеска сите заедно да им посакаме успешен бизнис и да бидат поттик за оние кои се уште можеби се двоумат дека ова е вистинското место за многу бизниси, на чекор до Европа, а блиску до градот со голем потенцијал – Битола“ рече градоначалникот Коњановски.
Пред присутните се обрати и сопственикот Ралф Гросел, светски дизајнер и инженер за производи за спортови на вода, а на свеченоста присуствуваа заменици министри, пратеници, претседателот на Советот, секретарот на Општина Битола, директори на јавни претпријатија, стопанственици и други гости. објавува Журнал.мк0






