Коњановски: „Кромберг и Шуберт“ планира 2.000 нови работни места во Битола

Коњановски: „Кромберг и Шуберт“ планира 2.000 нови работни места во Битола

пред 4 часа

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, го поздрави потпишувањето на договорот меѓу Владата и „Кромберг и Шуберт“ за нов инвестициски проект во Битола. Проектот предвидува производство на автомобилски компоненти за „Ауди“ и отворање 2.000 нови работни места во следните четири години.

Споделувајќи ја информацијата со битолчани, Коњановски ја пренесе оценката на премиерот Христијан Мицкоски дека инвестицијата испраќа силна порака за иднината на македонската економија и за довербата на странските инвеститори во земјата.

Според податоците презентирани при потпишувањето на договорот, со реализацијата на проектот вкупниот број вработени во компанијата во Македонија се очекува да достигне 10.000. Новиот проект предвидува капацитет за производство на повеќе од 3.000 автомобилски кабелски снопови дневно, наменети за нов модел на „Ауди“.

Од производните капацитети на „Кромберг и Шуберт“ во земјава во 2027 година се очекува извоз поголем од 400 милиони евра. На потпишувањето беше посочено и дека просечните плати на висококвалификуваниот кадар во компанијата се за повеќе од 80 проценти повисоки од просечната плата во државата.

Коњановски ја пренесе и пораката на Мицкоски дека новиот проект ја потврдува довербата во квалификуваната работна сила и во потенцијалот на домашната индустрија. За Битола, најавеното проширување значи можност за дополнителни вработувања и за зајакнување на локалната економија.

Share
Scroll to Top