Во декември 2002 година, Генералното собрание на ОН го прогласи 21 мај за Светски ден на културната различност. Овој ден ја нагласува клучната улога на меѓукултурниот дијалог за постигнување мир и одржлив развој и е посветен на вреднување на културните разлики меѓу луѓето и земјите ширум светот.
Општината денеска организираше настан на кој се обрати градоначалникот на Битола Тони Коњановски, а беше присутен и претседателот на Советот Бојан Бојкоски.
Општина Битола доследно по втор пат го одбележа овој ден, со цел да се зголеми разбирањето за тоа колку е вредна културната различност. Тоа е исто така средство за промовирање на четирите цели на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита и промоција на различноста на културните изрази усвоена на 20 октомври 2005 година:
- Поддршка и промоција на одржливи системи на владеење за културата;
- Да се постигне избалансиран проток на културни добра и услуги и да се зголеми мобилноста на уметниците и културните професионалци;
- Интегрирање на културата во рамки за одржлив развој и
- Промовирање на човековите права и фундаментални слободи.
Во одбележувањето на Светски ден на културната различност зедоа учество: КУД „Илинден“, АФ „Гоце Делчев“, ФА „Битола“, ЦЕНТИФ „Етно Илинден“, АФ „Плетенка“, Комуната на Власи, Здружение „Ромска ѕвезда“, Здружение за Македонско-Српско пријателство, Здружението на Ракотворци Битола, Македонско Турско здружение „Мустафа Ќемал Ататурк“ Битола, Здружение „Нентори 22“ Битола, Хрватски културен центар„Марко Марулиќ“, а настанот беше збогатен со две изложби фотрографии од стара Битола и фолклорни мотиви..






