Средношколците од СОЕУ „Јане Сандански“ во Битола добија нов простор каде што ќе можат да споделуваат идеи, да развиваат иницијативи и да добијат поддршка при изборот на својата идна професија.
Младинското катче го уредиле самите ученици, со поддршка од нивниот професор и координатор Целе Јолевски. На свеченото отворање присуствуваше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Од училиштето посочуваат дека катчето е резултат на заедничката работа на учениците и ќе им биде на располагање за соработка, размена на идеи и развивање сопствени иницијативи.
Коњановски го поздрави нивниот ангажман и истакна дека просторот им овозможува слободно да ги изнесуваат своите идеи, да ја развиваат креативноста и поактивно да се вклучуваат во заедницата.
Во рамки на новиот простор почна да функционира и кариерен центар. Со поддршка од кариерен советник, учениците ќе можат да разговараат за изборот на професија и за можностите за продолжување на образованието.






