Британската кралица Елизабета е позната по својот уникатен моден стил. Таа често може да се види во јавност со бесценет накит, смели бои и бисери, па до твид и шамија. Знае да се облече дипломатски, да носи облека со светли бои и соодветна капа и чанта која ѝ е заштитен знак.
Оние кои го следат нејзиниот имиџ и начин на облекување, велат дека таа веќе има развиено свој препознатлив моден стил.
„Таа разви свој постојан препознатлив стил. Носи ист облик на капа, иста силуета на капут, фантастични црни блок потпетици, но и покрај тоа, многу се забавува со модата. Кралицата е славна со своите блок бои“, вели Елизабет Холмс, авторка на книга за стилот на кралицата.
Кога е во кежуал издание, кралицата може да ја видиме во канаринско жолто, светлозелено, виолетово и розево, додека за време на официјални посети носи и црвено, светлосино и портокалово.
„Многу се размислува за облеката на кралицата, зашто кога таа ќе излезе од автомобил, сите гледаат што носи. Сите сакаат да ја видат кралицата“, додаде Холмс.
Во почетокот на нејзиното владеење, облеката на Елизабета ја правеле кралските дизајнери Харди Ејмис и Норман Хартнел, а во последно време, модниот стил ѝ го планира Анџела Кели.
„Кралицата има фантастично разбирање за облеката и модата и многу е свесна што ѝ одговара и што би било соодветно за одредена прилика. Таа внимателно избира и каков брош ќе носи“, кажа Кели своевремено.
Во неформални прилики, кралицата сака да носи кафеав или син твид и шамија за глава.
„Таа креираше цел кралски стил на облекување, кој е апсолутно препознатлив и видлив. Тој беше користен и како дипломатска алатка и е удобен“, вели Лидија Слејтер, уредничката на „Харпер‘с базар“.