Кремасти коцки од кокос и чоколадо

Кремасти коцки од кокос и чоколадо

пред 1 година

Совршено кремасти коцки од кокос и чоколадо. Фантастичната комбинација на чоколадо и кокос е она што го прави овој колач вистинско уживање за сите сетила. Кремаст, сочен а се добива и голема количина, ќе ги задоволи и оние најпребирливите. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за чоколадна кора: 4 големи белки, 6 лажици шеќер, 4 лажици брашно, 75 грама растопено чоколадо за готвење, една кесичка прашок за печиво.

За кора од кокос: 4 големи белки, 6 лажици шеќер, 75 грама кокос, една лажица брашно, една кесичка прашок за печиво.

За фил: 8 жолчки, 200 грама шеќер, 200 грама чоколадо за готвење, 250 грама путер. И уште: 2 кесички шлаг за декорација.

ПОСТАПКА: Подгответе плех со димензии 25×30 cm. Прво печете ја чоколадната кора на хартија за печење, извадете ја од плехот, а потоа во подмачкан и набрашнет плех печете ја кората од кокос (таа ќе остане после печењето како прв слој на колачот при филувањето).

Чоколадна кора: изматете ги белките и шеќерот додека цврсто да се згуснат, додајте брашно и прашок за печиво, па нежно измешајте, па додајте растопено чоколадо и повторно нежно измешајте (мешајте рачно и бавно за да остане смесата пенлива и воздушеста).

Распоредете ја во плех обложен со хартија за печење. Се пече 12-15-тина минути во загреана рерна на 180 степени. Испечената кора извадете ја заедно со хартијата и оставете да се излади.

Кора со кокос: изматете ги белките и шеќерот додека цврсто да се стегнат, додајте ги брашното, кокосот и прашокот за печиво и нежно измешајте.

Рамномерно распоредете ја нежната смеса во малку подмачкан и набрашнет плех и печете исто како и претходната, 12-15-тина минути во загреана рерна на 180 степени. Оставете да се излади.

Фил: пенасто изматете ги шеќерот и жолчките додека да се добие густа кремаста смеса. Ставете ја на пареа и за термички да се обработат 15-тини минути со повремено мешање. Додајте го чоколадото и веднаш штом се растопи, тргнете го кремот од пареа и изладете.

Путерот кој претходно омекнал на собна температура пенасто изматете го со миксер, додајте го чоколадниот фил и сè добро измешајте да се соедини во нежен крем.

Нанесете половина од филот врз оладената кора од кокос, ставете ја чоколадната кора така што хартијата ќе биде одозгора и потоа отстранете ја, па нанесете го остатокот од филот.

Оставете го колачот преку ноќ за да може кората да ја впие влажноста од кремот, да стане мека и сочна, да се стегне филот и да се спојат вкусовите. Следниот ден нанесете шлаг и по желба посипете со какао.

Share
Scroll to Top