Кристал од „Династија“ првпат ќе снима филм по 24 години

Кристал од „Династија“ првпат ќе снима филм по 24 години

пред 4 години

Холивудската ѕвезда Линда Еванс, која се прослави со улогата на Кристл Карингтон во серијата „Династија“, на 78 години повторно ќе снима филм. Таа реши да ја обнови актерската кариера и ќе има една од главните улоги во драмата „Лебедова песна“. Ова е нејзин прв филм од 1997 година.

„Чекав до 78 години за да почнам повторно, но јас и онака не сум направила ништо нормално во мојот живот. Ми испратија сценарио и станав љубопитна. Така влегов во филмот“, вели Еванс.

Еванс стана популарна како телевизиска глумица. Таа беше една од најголемите светски ѕвезди во време кога се прикажуваше „Династија“, од 1981 до 1989 година.

„Имав речиси 40 години кога продуцентот Арон Спелинг ми ја понуди улогата, место да земе некоја помлада. Тој ризикуваше со две таканаречени постари жени, јас и Џоан Колинс. Тоа беше остварување на еден сон“, вели Еванс и додава дека иако со Колинс беа ривалки во серијата, меѓу нив немало ниедна лична караница.

„Се тепавме само додека камерите беа вклучени“, рекла таа.

Еванс ја напушти серијата една година пред да заврши, признавајќи дека успехот и славата ги платила со висока цена.

„Последните три години беа толку успешни, што речиси да немав слободен ден. Целосно ги изгубив слободата и приватноста. Таа улога беше подарок од Бога, но јас сакав нешто повеќе од животот. Низ годините толку се зближив со екипата, што разделбата многу тешко ја поднесов“, вели таа.

Еванс денес често патува и учествува во дебатите за женски теми.

„Многу сум задоволна со мојот живот. Имам роднини и пријатели околу мене, а мудроста што ја стекнав низ годините ја сметам за најважната работа“, вели Еванс.

Share
Scroll to Top