Првата сопруга на српскиот претседател Александар Вучиќ, Ксенија, починала во рацете на синот Данило. На познатата новинарка нагло ѝ се слошило, па иако лекарите еден час се обидувале да ја реанимираат, не успеале, откри уредникот на „Информер“, Драган Вучиќевиќ.
Тој во телевизиско гостување утрово зборуваше за тоа каква била Ксенија Вучиќ како новинар, но и како човек.
„Ксенија ја знаев децении. Прекрасен човек, добар другар, пожртвувана мајка. Судбината е сурова. Почина во својот стан. Данило бил со неа, му починала на раце и тоа е страшно. Штом слушнал за тоа, претседателот отишол во нејзиниот дом. За 6-7 минути пристигнала и Итната помош, се обидувале да ја реанимираат еден час, но немало помош“, кажал Вучиќевиќ.
Тој рекол и дека за сега не се знае причината за смртта, но се претпоставува дека е тромб.
За потсетување, Ксенија Вучиќ е познат српски новинар. Кариерата ја почнала во Студио Б, а последните години работеше на ТВ Пинк. Беше мајка на две деца, Милица и Данило, кои ги имаше од бракот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.