Иако на прв поглед изгледаат совршено – црвени, сочни и свежи – многумина барем еднаш се разочарале кога купиле јагоди кои наместо сладок вкус, биле кисели и без арома. Сепак, професионалните готвачи откриваат дека постои едноставен трик со кој и помалку зрелите јагоди можат за само неколку минути да станат значително повкусни и послатки.
Методата е многу едноставна – јагодите треба да се исечат и да се посипат со мала количина шеќер. По кратко време, овошјето почнува да го испушта сопствениот сок, аромата станува поинтензивна, а текстурата помека и посочна.
Оваа техника е позната како мацерирање и често се користи во професионалните кујни при подготовка на овошје за колачи, палачинки, сладоледи и разни десерти. Целта не е да се прикрие вкусот на овошјето, туку да се нагласи неговата природна сладост и арома.
Колку долго ќе стојат јагодите по додавањето шеќер зависи од резултатот што сакате да го добиете. Ако сакате да останат поцврсти, доволни се само неколку минути. Во тој случај ќе испуштат помалку сок, но вкусот сепак ќе биде поизразен. За помеки и речиси сирупести јагоди, потребно е да отстојат околу половина час, при што ќе ослободат повеќе природен сок и ќе добијат побогат вкус.
Готвачите советуваат да не се претерува со шеќерот, бидејќи суштината на методата е да се истакне природниот вкус на овошјето.
Освен шеќер, вкусот на јагодите дополнително може да се подобри со неколку капки сок од лимон или портокал, кои ја нагласуваат свежината и додаваат лесна ароматична нота.
Интересно е што истиот трик не се користи само за јагоди. Методата на мацерирање може да помогне и кај друго овошје кое не е доволно зрело или е премногу кисело, како праски, цреши, сливи, па дури и ананас.
Поради едноставноста и брзината, овој трик во последните години стана еден од најпопуларните совети меѓу љубителите на десерти и домашните готвачи кои сакаат да извлечат максимум вкус од сезонското овошје.






