Ламбе Алабаковски  со „Оган да го гори“ ќе го предводи проектот „Македонијо во срце те носиме“

Ламбе Алабаковски  со „Оган да го гори“ ќе го предводи проектот „Македонијо во срце те носиме“

пред 11 месеци

Дванаесет македонски изведувачи од забавната и фолк естрадата, поискусни и помлади ќе препеат дел од македонските патриотски песни кои се дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“.

Преработките на песните ќе ги работи композиторот Николче Мицевски. Прва песна која ќе биде објавена е песната „Оган да го гори“ во изведба на Ламбе Алабаковски, за која присутните на денешната прес-конференција коментираа дека навистина му е погодена со насловот.

„Проектот „Македонијо во срце те носиме“ кој во мене тлееше како идеја од многу одамна сакам да ги пеам патриотските песни, убаво ми е додека го правам тоа. И еден ден ми дојде идеја зошто тоа да не го направиме со моите колеги кои сакаат тоа да го прават“, изјави Бојана Скендеровски која исто така е дел од проектот.

„Македонијо во срце те носиме“ содржи 12 преработки на македонски, родољубиви песни и во неа учествуваат 12 пејачи од забавната и фолк естрада. Наум Петрески, Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Бојана Скендеровска, Огнен Здравковски, ДНК, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Марија Спасовска, Ламбе Алабаковски, Зуица Лазова и Андријана Јаневска.

Младата и талентирана Марија Спасовска која ја претставуваше пред неколку години Македонија на детскиот Евросонг, ќе ја отпее песната „Ој Вардаре“. Таа вели дека и е задоволство што ќе ја отпее оваа песна затоа што четири години играла ракомет за ракометниот клуб „Вардар“ и ѝ е омилена песна.

Дел од песните кои треба да се преработат и се во фаза на снимање.

Песните кои ќе бидат преработени, се отпеани од доајени на македонската фолк музика, како Васка Илиева, Александар Сариевски, Војо Стојановски и Гоце Николовски.

„Нивните изведби се ненадминливи ние во овој проект не се ни трудевме нивните изведби да ги надминеме затоа што тоа е невозможно. Сакавме да дадеме свој печат и своја емоција на овие песни. Да ги приближиме до помладите генерации, затоа што во поново време младите генерации се помалку имаат можност да растат со македонска музика“, рече Бојана.

Целта на овој проект не е да разединува, туку да обединува, а секоја песна ќе се најавува во наредниот период со видеозаписи, кои дел се снимени студиски, дел со пејзажи од Македонија. Крајната идеја е да се реализираат осум концерти низ нашата земја во периодот од септември до октомври.

Николче Мицевски вели дека чувствува привилегија да биде дел од овој проект, затоа што е од големо значење како и сите проекти кои го негуваат нашето богатство, нашиот фолклор.

„Треба да се негуваат, да се обработуваат за да го видат светлото на денот тие стари песни, кои во едно време биле хитови меѓутоа нивната вредност останала до ден денес. Секое време си носи свој белег, така и овие песни ќе бидат со поинаков пристап, призвук и изведба. Меѓутоа најважното е што секоја си го задржува своето богатство што го има во себе, било од аспект на мелодија или текст. За мене освен што е привилегија е и голема одговорност да се чепка во тоа богатство затоа што никако не смее да се сквернави“, рече Мицевски.

Г. Додевска

Share
Scroll to Top