- „Книга за љубовта, благодарноста и посветеноста“ – акад. Витомир Митевски
- „Возвишена поезија против бесмислата“ – проф. д-р Венко Андоновски
- „Клуч на поетот-психијатар за исцелување на душата“ – проф. д-р. Весна Мојсова-Чепишевска
- „Повеќеслојна поезија што трага по вистината“ – Видое Подгорец
- „Сета душа на поетот се залага – сè да биде убавина“ – Јован Котески
- „Поезија натопена со добрина“ – Киро Донев
Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“, со голема благодарност до издавачката куќа „Матица Македонска“ и почитуваниот Раде Силјан, се гордее што на крајот на оваа 2020 година, во чест на 78-годишнината од раѓањето и 10-годишнината од заминувањето на д-р Михаил Левенски, излезе од печат неговата поезија во една збирка песни под име „ЛАЧИ ИСКРИНИ“.
Збирката „ЛАЧИ ИСКРИНИ“ е ексклузивно обликувано поетско издание што на близу 300 страници содржи избор песни од две стихозбирки на Левенски – „Создавање на светот во мене“ (1996) и „Лош препис од оригиналот – З“ (1997). Надвор од секоја хронологија, 78-те песни се поделени во два дела: „Чувственик“ – љубовна лирика и „Ѕвездопад“ – рефлексивна лирика. Името на збирката е една од неговите оригинални синтагми којашто метафирички упатува на тоа дека секој во своето време ги создава светлините што остануваат да светат и по неговото заминување: „Сегашната ни светлина ќе ја чува засекогаш нашата небиднина“. / „И кога не ќе сме ние… ќе се појавуваме во лачи искрини.“
„Севремената поезија на Михаил Левенски е богатство извадено од ковчеже. Нејзиниот нов здив од неа ја избриша сета патина и сега сјае и отсјајува, а ќе го облагороди секој оној што над неа ќе се наднесе и нештедливо ќе и ги отвори своите сетила“.
Фондацијата смета за неопходно, во ова време, да се потсетиме на основните вредности на живеење, да се вратиме кон човечноста, добрината, убавината, благодарноста и смислата на живеењето. Токму затоа, од разновидниот творечки опус на Левенски, за крај на оваа 2020 година и почеток на 2021 год., Фондацијата избра да се реиздаде неговата поезија, затоа што е поезија што е против „ужасот на празнината и бесмислата“ и со својот „виталистички принцип“ праќа пораки, поставува патокази, потсетува, опоменува, поучува, облагородува…
Рецензиите се на: акад. Витомир Митевски, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и Киро Донев (кон новото издание), а книгата ги содржи и рецензиите од првичните стихозбирки потпишани од Видое Подгорец и Јован Котески.
“Авторот како да сака да им даде правец на залудните талкања по среќата, да ги исправи неправдите и скршнувањата, да не врати од патот кон понорот и да не соочи со себе, за да ги препознае секој човек сонцата во себе, да се стреми кон височини и да остане човек човечен. “ – Од рецензијата на акад. Витомир Митевски
„Да се има в раце поезија од еден славен македонски психијатар, значи да се добие непроценливо богатство: увид во душата на оној кој ги лекувал и исцелувал нашите души…Левенски се доближува до сфаќањата на Блаже Конески за поезијата како сеизмограф кој ги бележи и најситните, најнечујните и најневидливите треперења во космосот, како и најситните конвулзии на душата…“ – Пишува во својата рецензија Венко Андоновски.
Стихозбирката „ЛАЧИ ИСКРИНИ“, на д-р Михаил Левенски, ќе биде во продажба во 2021 година во книжарниците на книгоиздателството „Матица Македонска“.
За д-р Михаил Левенски
Д-р Михаил Левенски (1942-2010), психијатар и писател: поет, раскажувач и драматург. Во психијатријата беше истражувач со посебен интерес кон социјалната патологија. Во своето книжевно дело пак, беше нијансиран познавач на убавите страни на душата. Автор е на голем број литературни дела, радио и ТВ драми и сценарија за филмови како на книгата „Како да станам свој“ – посветена на младите за себеизградување, мотивација и себереализација. Д-р Михаил Левенски е докажан хуманист, поборник за вистина, правда и човеково достоинство.
Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“, основана во 2012 година од неговото семејство, продолжува да делува на полето на „човекољубие и природољубие“, под слоганот „Инспирирај, мотивирај, создавај“!