Вчеравечер во хотелот „Александар Палас“ две жени со исти дијагнози, или како велат, сестри по фризура, на македонската публика одблиску им ги раскажаа своите приказни за борбата со ракот. Едната на Лила Филиповска, другата на српска хуманитарка и инфлуенсерка Ана Дорник, која со својата работа денес им помага на жените кои се борат со оваа болест. Ана ја промовираше книгата „Ти си таа“, која е автобиографска.
Гостинка и беше Лила Филиповска која со многу емоции раскажа јавно како се чувствувала и низ што мина овој период.
„Првиот пат плачев после операцијата во Турција кога во ноќница со подвижна инфузија се движев по ходникот и си викав ’Боже што ми се случи‘. Не се прашував ’зошто мене ми се случи се ова‘, затоа што знаев дека тоа не е вистинското прашање. За жал, не сум само јас, туку многу жени“, вели Лила Филиповска и со многу емоции ја продолжи својата приказна. Таа зборуваше за стресовите, заради кои верува дека се можеби се една од причините за ракот. Еден многу емотивен момент беше оној за хемотерапијата.
Лила искрена на панел дискусијта вели:„ Јас се надевав дека ќе смислат некоја хемотерапија од која нема да паѓа косата. Па јас цел живот многу сакам долга коса, па снимање, локни, надградби, пунџи…И кога докторот ми кажа дека не постои магична хомотерапија и дека задолжително ќе ми падне косата – тоа ми беше второто плачење“, вели Филиповска.
Таа раскажа и за оној момент кога ставила перика која неодамна победнички ја извади и прошета по модната писта со кратката коса. „ Имаше многу коментари и наслови ‘Лила носи перика’. Потоа коментари ‘Ма носи, веќе од бес, не знае што да направи со себе“, па друг „Дајте не зборете Лила прима хемотерапии слушнав од комшиката“. Мене тоа ми беше комплимент, оти сум успеала тешката година да ја поминам на нозе.