Магазинот „Тајм“ ја избра 15-годишна иноваторка Гитанџали Рао од Денвер за дете на годината. Ова е прв ваков избор што го направи реномираниот магазин.
Рао се надева дека ќе инспирира и други деца да излезат со идеи што може да решат светски проблеми. Таа, меѓу другото, измисли уред кој на брз и евтин начин може да идентификува олово во водата за пиење и создаде апликација која со помош на вештачка интелигенција открива малтретирање преку интернет.
„Ако можам јас, можете и вие, сите можат“, вели Рао.
Интервјуто за „Тајм“ ѝ го направи Анџелина Џоли и во него Рао вели дека не изгледа како типичен научник.
„Сѐ што ќе видите на телевизија како научници се постари, главно бели мажи. Мојата цел не е само да создавам уреди што ќе решат светски проблеми, туку и да инспирирам други да го прават тоа. Нашата генерација се соочува со проблеми какви што не се видени досега, а во исто време старите проблеми сѐ уште постојат“, вели таа.
Рао претходно беше прогласена за најдобар млад научник во САД.