Современата танцова претстава „АЈДЕ!“, организирана од Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, предизвика огромен интерес кај хрватската публика и до последно место ја исполни салата на Загрепскиот танцов центар. Настанот беше проследен со долги овации и силни емоции, потврдувајќи го растечкиот интерес за македонската современа уметност и култура во Хрватска.
Публиката имаше можност да ужива во впечатливото сценско остварување на авторите и кореографи Игор Киров и Бојан Мицев. Претставата преку современ танцов израз обработува универзални теми како љубовта, слободата, чувството на припадност и предизвиците што ги наметнуваат општествените норми.
Емотивната реакција на гледачите и долгиот аплауз по завршувањето на изведбата уште еднаш покажаа дека „АЈДЕ!“ успешно комуницира со публиката без оглед на културните и националните разлики.

Пред почетокот на претставата присутните ги поздравија директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, директорката на Загрепскиот танцов центар, Александра Мадсен, како и кореографот Игор Киров, еден од најреномираните македонски балетски уметници и кореографи со значајна меѓународна кариера и бројни уметнички успеси на светската сцена.

Во своите обраќања тие ја нагласија важноста на оваа прва соработка меѓу Македонскиот КИЦ и Загрепскиот танцов центар, истакнувајќи дека ваквите проекти овозможуваат поголема меѓународна видливост на македонската современа танцова уметност и отвораат нови можности за вмрежување, соработка и афирмација на македонските автори и уметници надвор од границите на државата.

„Уметноста има моќ да ги поврзува луѓето без оглед на границите, јазиците и различностите. Вечерва преполната сала на Загрепскиот танцов центар е најдобрата потврда дека публиката препознава искрена емоција, квалитет и значењето на културната размена меѓу Македонија и Хрватска“, истакна директорката Мими Ѓоргоска Илиевска.

Претставата „АЈДЕ!“ се смета за едно од значајните остварувања на современото македонско танцово творештво, кое преку автентичен уметнички пристап успешно ги поврзува традицијата, современоста и универзалните човечки вредности.

Настанот уште еднаш покажа дека уметноста останува еден од најсилните мостови за поврзување на луѓето, културите и општествата.
Продукцијата на претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Штип и ЕАМ Штип, додека гостувањето во Загреб е реализирано како дел од годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб, во соработка со Motion Network продукција и Загрепскиот танцов центар, со поддршка на Министерството за култура и туризам.






