Македонските параглајдеристи немаат пари за на Светско првенство, бараат донации на интернет за настапот во Аргентина

Македонските параглајдеристи немаат пари за на Светско првенство, бараат донации на интернет за настапот во Аргентина

пред 3 години

Македонската репрезентација во параглајдерство доби покана од Интернационалната асоцијација на параглајдеристи да учествува на Светското првенство што ќе се одржи од 31 октомври до 13 ноември во Аргентина, но тие немаат пари за да стигнат на првенството. Четворицата параглајдеристи од репрезентацијата, Александар Гацевски, Дарко Станковски, Мартин Јовановски и Владимир Неделковски, сега бараат донации и се надеваат дека ќе успеат да соберат 10.000 евра, колку што им требаат за пат, котизација и трошоци. Донациите ги собираат преку страницата WhyDonate, а до сега собраа 1200 евра.

„Во параглајдингот имаме пилоти кои важат за едни од најдобрите во светот. Фактот дека Македонија го живее своето златно време во овој спорт се потврди и годинава со врвните успеси, подиуми и победи на повеќе интернационални натпревари. Затоа македонската репрезентација доби покана за учество на Светското првенство“, велат од репрезентацијата.

Параглајдеристите испратија јавен апел до сите што можат да им помогнат да донираат на нивната страна или, велат, барем да ја споделат пораката на социјалните мрежи, за таа да стигне до што повеќе луѓе, а тие да пробаат да ги соберат потребните средства.

„За жал, земјата во моментот не одвојува доволно средства да се покријат трошоците. Спортистите се финансиски целосно исцрпени од изминатите натпревари и не можат да ги покријат и овие трошоци, кои за целиот тим изнесуваат околу 10.000 евра“, велат тие.

 

 

Share
Scroll to Top