„Манаки“ ќе биде отворен со филм на Горан Столевски, а Лабина Митевска е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

„Манаки“ ќе биде отворен со филм на Горан Столевски, а Лабина Митевска е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

пред 1 година

Под слоганот „Прекрасното непознато“ ќе се одржи 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ од 23 до 29 септември во Битола.

Фестивалот оваа година организаторите го најавија како многу голем и ѕвезден.

Оваа година добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело на 44. издание на „Браќа Манаки“ е велшкиот кинематограф Питер Бижу. Додека Друштвото на филмски работници едногласно ја изгласа актерката и продуцент Лабина Митевска за лауреат на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“.

Награда е воведена во 2013 година од тогашното раководство на филмски работници, како потреба да се воведе една условно речено елитна награда односно да се искаже благодарност и да им се укаже чест на најголемите филмаџии.

„Познатата македонската актерка и продуцент Лабина Митевска е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, што традиционално секоја година ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија. Наградата на Митевска свечено ќе и биде врачена на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки”“, рече директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски.

Питер Бижу е еден од великаните на британската кинематографија, а токму таа е најнаградувана на фестивалот „Манаки“. Тој веќе е пензионер, и од 2004 година повеќе не снима филмови.

„Нашиот фестивал е фестивал на кинематографери, и ѕвездите на фестивалот се токму тие. Иако е многу убаво да се каже дека доаѓаат големи ѕвезди, но понекогаш се плашам дека кинематограферите ќе бидат засенети. Тие се работниците на филмската фела, тие немаат свои караван приколки, кога врне, има снег или 40 степени. Тие седат покрај камерата и по 12 часа и ја работат работата како сите работници околу нив. Додека актерите кои се ѕвездите на филмот си седат во приколки, како режисерот и продуцентот“, изјави Симеон Мони Дамевски, директор на „Браќа Манаки“.

Иако пред две години организаторите на фестивалот сакале да му ја доделат наградата, но тој не бил во состојба да дојде поради болест. Но оваа година  успеал да оздрави и конечно ќе му биде врачена.

Питер Бижу е кинематографер во чии филмови играат неверојатни ѕвезди и неговите филмови откриваат големи ѕвезди. Во неговиот прв филм Жаклин Бизе станува ѕвезда, потоа следеа Ким Бесинџер, Џоди Фостер.

Оваа година организаторите се обидуваат да го подигнат фестивалот на уште поголемо ниво од изминатите години и велат дека во тоа успеале.

„Во програмата на Манаки оваа година има два македонски филмови. По свеченото отворање ќе биде прикажам македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски. Филм којшто уште од сега е многу баран во светски рамки, тој веќе зема учество во програмата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал. Оваа година имавме огромен наплив на филмови. За кратката продукција пријавени беа 200 филмови, за студентската продукција дури 94, за документарната програма 40 филмови. Оваа година воведена е нова програма „Специјална селекција“ што е надвор од натпреварувачката програма каде ќе бидат прикажани филмови кои вредат да бидат прикажани“, изјави Симеон Мони Дамевски, директор на „Браќа Манаки“.

„Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.

Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот “4 месеци 3 недели 2 дена” на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Северна Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Северна Македонија и Розафа Челај од Косово.

Продуцент на филмот е Марија Димитрова, а остатокот од авторската екипа ја сочинуваат: Ана Жежничек – сценограф, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор, Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа – маскери, Ален Синкауз и Ненад Синкауз – композитори, Зоран Максимовиќ – снимател на звук и Ема Бортињон – дизајнер на звук.

Како што изјави директорот, оваа година штрајкот во Холивуд добро влијае за Манаки, затоа што се стопирани сите снимања па така сите оние филмски работници кои сакаат и имаат можност ќе може да дојдат на 44. издание на Манаки.

Share
Scroll to Top