Меџити: Охридскиот договор донесе еднаквост, наша обврска е да ја унапредуваме

Меџити: Охридскиот договор донесе еднаквост, наша обврска е да ја унапредуваме

пред 4 часа

Вицепремиерот Изет Меџити, по повод одбележувањето на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор, порача дека една четвртина век по неговото потпишување обврска е стекнатите права да се зачуваат, институционализираат и дополнително да се унапредуваат.

Меџити информираше дека одбележувањето на јубилејот започнало со панел-дискусија, потсетувајќи дека Охридскиот рамковен договор стави крај на конфликтот во 2001 година и, според него, го отвори патот кон институционална еднаквост во Македонија.

„Една четвртина век подоцна, нашата одговорност е јасна: да ги зачуваме стекнатите права, да ги институционализираме и да ги унапредуваме“, истакна Меџити.

Тој посочи дека ВЛЕН, како дел од Владата, во изминатите две години работел принципите од Охридскиот договор да добијат конкретна форма преку закони, институции, буџетски политики и инвестиции.

Според Меџити, еден од приоритетите е правичната и соодветна застапеност да премине од административен механизам во право регулирано со закон.

„Правичната и соодветна застапеност ја носиме од административен механизам кон законско регулирање, за ова право да не зависи од политичката волја на никого“, наведе тој.

Во однос на употребата на албанскиот јазик, Меџити тврди дека неговата позиција е законски обезбедена.

„Албанскиот јазик е гарантиран со закон, безбеден е и се почитува во институциите на државата. Неговата правна и институционална позиција е јасна и неприкосновена“, порача вицепремиерот.

Над 250 милиони евра за локални проекти

Како едно од најважните достигнувања, Меџити го посочи процесот на децентрализација.

Според него, општините со албанско мнозинство или со значително албанско население за првпат добиваат, како што вели, правичен и пропорционален удел од буџетските средства наменети за капитални инвестиции.

Тој наведе дека повеќе од 250 милиони евра се распределени за локални проекти, од кои средства добиле Чаир, Тетово, Гостивар, Струга, Сарај, Липково и други општини.

„За нас децентрализацијата значи и финансиска моќ за општините – повеќе можности да градат патишта, училишта, градинки, водоводи и канализации и самите да одлучуваат за своите развојни приоритети“, истакна Меџити.

Коридорот 8 како стратешка инфраструктура

Во објавата Меџити се осврна и на големите инфраструктурни проекти, издвојувајќи го Коридорот 8.

Тој посочи дека коридорот ги поврзува Куманово и Скопје, преку Тетово, Гостивар, Кичево и Струга до Ќафасан, а преку Албанија овозможува поврзување со Јадранското Море.

Според него, оваа инфраструктура поврзува региони со значително албанско население и создава нови можности за економски развој, трговија, инвестиции и побрзо движење на луѓето и стоките.

Меџити најави дека во текот на август започнуваат и работите на новата автопатска делница Скопје – Блаце, додека за преостанатиот дел, како што наведе, финансиската конструкција е комплетирана.

Тој го оцени проектот како уште една стратешка инвестиција за поврзување на Македонија со Косово и за развој на подрачјата низ кои минува.

42 милиони евра за кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“

Меџити нагласи дека значајни средства се вложуваат и во образованието.

Според него, околу 42 милиони евра се инвестираат во изградбата на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

Со ова, како што посочи, универзитетот ќе добие постојан и современ кампус.

„Инвестиција од вакви размери во високото образование на албански јазик претставува важен чекор за албанските студенти и за понатамошниот развој на универзитетот“, наведе Меџити.

Повеќе простор и за албанската култура

Вицепремиерот посочи дека во изминатиот период била зголемена и поддршката за албанската култура.

Како примери ги наведе поддршката за саеми на книга, фестивали, издавачка дејност, уметници и различни манифестации преку кои се афирмираат албанскиот јазик, култура и творештво.

„Еднаквоста треба да се гледа во секојдневниот живот“

Меџити порача дека 25 години по Охридскиот рамковен договор, напредокот во еднаквоста треба конкретно да се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните.

„Во уделот што општините го добиваат од буџетот, во училиштата што се градат, во универзитетот што се развива, во патиштата што ги поврзуваат нашите градови и во новите можности што се создаваат за развој“, истакна тој.

Според Меџити, насоката што ја избрала ВЛЕН е да се зачува она што е постигнато, да се институционализира она што треба да биде заштитено и еднаквоста да се унапредува преку закони, институции и правичен развој.

„Правата се посигурни кога се гарантирани од законот и системот, а не кога зависат од механизми што можат да бидат злоупотребени или од политичката волја на кој било субјект“, порача Меџити.

Share
Scroll to Top