Во скопската општина Чаир започна акција за отстранување на стари и напуштени возила кои со години зафаќале јавен простор и го отежнувале секојдневното функционирање на населбите. Акцијата, како што информира Изет Меџити, има за цел да ослободи простор, да воведе ред и да ја подобри безбедноста во урбаните средини.
Според објавата, стотици возила кои подолг период биле оставени на улиците без да се користат и без техничка исправност, веќе се отстрануваат едно по едно. Со нивното дислоцирање се ослободуваат јавни површини кои досега биле нефункционални, а граѓаните добиваат повеќе достапни паркинг-места.
Од општината посочуваат дека ваквите активности ќе придонесат за полесен сообраќај, подобра организација на просторот и почиста животна средина. Дополнително, се очекува намалување на хаосот во паркирањето и зголемување на безбедноста во населбите, особено во деловите каде напуштените возила претставувале ризик.
Акцијата ќе продолжи и во наредниот период, со цел целосно расчистување на јавните површини и создавање поуреден и функционален урбан простор за жителите на Чаир.






