Мислите дека пиете доволно вода? Овој едноставен тест може брзо да ја открие вистината

Мислите дека пиете доволно вода? Овој едноставен тест може брзо да ја открие вистината

пред 5 часа

Дехидратацијата често се развива незабележливо, а многу луѓе не сфаќаат дека во текот на денот не внесуваат доволно течности. Главоболка, замор, вртоглавица, намалена концентрација и чувство на жед се само дел од сигналите што телото ги испраќа, но експертите велат дека постои и едноставен тест кој може брзо да покаже дали организмот има потреба од повеќе вода.

Докторката Дана Бремс, која на социјалните мрежи ја следат повеќе од два милиони луѓе, објави кратко видео во кое демонстрира едноставна метода за проверка на хидратацијата. Тестот е познат како „стискање на кожата“ и се заснова на еластичноста на кожата.
Постапката е едноставна – потребно е лесно да се штипне кожата на горниот дел од раката или на пределот над зглобот на средниот прст, а потоа веднаш да се отпушти. Ако кожата брзо се врати во својата нормална положба, тоа може да биде знак дека телото е добро хидрирано. Доколку кожата остане кратко време подигната или побавно се враќа, тоа може да укажува на недостаток на течности.

„Кога телото е доволно хидрирано, кожата има добра еластичност и брзо ја враќа својата форма. Со дехидратација, таа еластичност се намалува и реакцијата е побавна“, објаснува докторката.
Иако тестот изгледа едноставен, тој има медицинска основа и лекарите понекогаш го користат како дополнителен индикатор за проценка на состојбата кај пациентите. Сепак, експертите предупредуваат дека возраста, состојбата на кожата и одредени здравствени фактори исто така можат да влијаат на резултатите, па тестот не треба да се смета за единствен показател.

Според медицинските податоци, дури и блага дехидратација може да предизвика непријатни симптоми. При губење на околу пет проценти од течностите во телото може да се појават силна жед, главоболка, замор, вртоглавица, конфузија и намалена концентрација.

Долго време се сметаше дека секој човек треба да пие по осум чаши вода дневно, но експертите велат дека тоа правило не важи подеднакво за сите. Според препораките на клиниката Мајо, жените во просек треба да внесуваат околу 11,5 чаши течности дневно, додека кај мажите потребата изнесува околу 15,5 чаши. Овие количини можат значително да се зголемат при високи температури, физичка активност и зголемено потење.

Лекарите советуваат да не се чека појавата на силна жед, бидејќи тогаш телото веќе може да покажува знаци на недостаток на течности. Редовниот внес на вода во текот на денот останува наједноставниот начин за одржување на добра хидратација и нормално функционирање на организмот.

Share
Scroll to Top