Комичната претстава „Лагата“ на 15 октомври премиерно ќе биде изведена во Македонскиот народен театар. Претставата е работена според текст на современиот француски писател, драматург, сценарист и режисер Флоријан Зелер, а режијата е на Бесфорт Идризи.
Во претставата играат Јордан Симонов како Павле, Габриела Петрушевска во улогата на Родна, Оливер Митковски го игра ликот на Михаил и Драгана Левенска како Јована.
„„Лагата“ говори за тоа колку можеме да бидеме искрени, особено во интимните односи, односно кога, колку и дали воопшто е дозволено да се лаже. Иако при првиот контакт со текстот може да се добие впечаток дека негова главна тема е брачниот однос или неверството, тој, пред сè, се занимава со лагата како феномен. Живееме во ‘лажно време‘, односно во време кога лажењето е општоприфатена пракса. Оттаму и идејата да се работи токму овој текст, при што преку еден комичен пристап се фокусираме на вакви општествени појави“, вели Идризи.
Сценографијата е на Крсте Џидров-Џиби, костимографка е Роза Трајческа-Ристовска, а авторската музика ја потпишува Игор Василев-Новоградска.
Следните изведби се закажани на 21 и 29 октомври со почеток во 20:00 часот, а билетите се достапни преку веб-страницата на МНТ.