Европската комисија во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2026 година позитивно ја оценува состојбата во банкарскиот сектор, истакнувајќи ја неговата отпорност, солидната капитализираност, добриот квалитет на кредитното портфолио и профитабилноста. Во извештајот се препознаваат и активностите на Народната банка за зајакнување на финансиската стабилност, унапредување на банкарскиот надзор и усогласување со европските стандарди.
Како што соопшти Народната банка, Европската комисија го нотира континуитетот во спроведувањето на монетарната политика насочена кон одржување на ценовната стабилност, како и мерките за зајакнување на отпорноста на финансискиот систем во услови на зголемени домашни и надворешни ризици.
Посебно внимание во извештајот е посветено на забрзаниот раст на станбените кредити, кредитирањето на градежниот сектор и движењето на цените на недвижностите. Во таа насока, Народната банка презела мерки за заострување на условите за кредитирање, вклучително и за кредитите обезбедени со недвижен имот, со цел да се спречи прекумерно преземање ризици.
Дополнително, направени се измени во задолжителната резерва и зголемена е стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот, со што се обезбедува дополнителна заштита на банките од можни финансиски потреси.
Од Народната банка нагласуваат дека овие мерки имаат превентивен карактер и се насочени кон зачувување на стабилноста на банкарскиот сектор, без да се наруши неговата способност да ги поддржува граѓаните и стопанството.
Значаен напредок е забележан и во усогласувањето на домашната банкарска регулатива со европското законодавство. Европската комисија го издвојува стапувањето во сила на Законот за решавање банки во јуни 2026 година, со кој се уредуваат механизмите за постапување во случај на сериозни финансиски потешкотии кај банките.
Во јули годинава е усвоена и нова методологија за управување со ризикот од каматните стапки во портфолиото на банкарски активности, што претставува дополнителен чекор кон унапредување на управувањето со ризиците и зајакнување на надзорната рамка.
Во областа на платните системи, Европската комисија го препознава напредокот во интеграцијата на земјата во европскиот платежен простор. Северна Македонија е оперативно подготвена за учество во шемите на Единствената област за плаќања во евра – СЕПА од октомври 2025 година, додека во јули 2026 година Народната банка потпиша договор со Европскиот совет за плаќања за пристапување кон шемата за инстант кредитни трансфери.
Овие активности создаваат услови за побрзи, поедноставни и поефикасни прекугранични плаќања во евра, што е особено значајно за граѓаните, компаниите и нивното поврзување со европскиот пазар.
Во извештајот се нотираат и активностите за подобрување на управувањето со ликвидноста, унапредување на инструментите на монетарната политика и следење на климатските ризици кои можат да влијаат врз финансискиот сектор.
Истовремено, Европската комисија препорачува дополнително зајакнување на финансиската независност на Народната банка, во согласност со европската регулатива. Ова прашање останува важен дел од процесот на усогласување со стандардите на Европската Унија.
Од Народната банка оценуваат дека позитивните наоди во извештајот претставуваат потврда за стабилноста и отпорноста на домашниот банкарски сектор, како и за постигнатиот напредок во регулаторните и институционалните реформи.
Институцијата најавува дека и во наредниот период ќе продолжи со активности насочени кон одржување на ценовната и финансиската стабилност, навремено препознавање на ризиците и натамошно приближување на македонскиот банкарски систем кон европските правила и практики.






