Настан „Without Commercial Value“ посветен на Мето Ангелов во КСП Центар-Јадро

Настан „Without Commercial Value“ посветен на Мето Ангелов во КСП Центар-Јадро

пред 2 часа

На 3 април 2026 година (петок), со почеток во 19:00 часот, во КСП Центар-Јадро ќе биде отворен настанот „Without Commercial Value“, сеќавање посветено на уметникот Мето Ангелов (1977–2025).

Куратор е Ана Франговска, а свое обраќање ќе имаат. Владимир Јанчевски, Ѓорѓе Јовановиќ и Ана Франговска.

„Настанот „Without Commercial Value“ претставува сеќавање посветено на уметникот Мето Ангелов, чија работа остави специфичен и препознатлив траг во современата визуелна култура кај нас. Ова не е изложба на дела, туку изложба на нивното отсуство. Наместо објекти, присутни се нивните записи: видео, документација, дигитални траги како своевидна отворена архива. Во таа форма, практиката на Мето Ангелов се појавува како нешто што не може целосно да се фиксира – туку само да се повика, прелиста и повторно проживее. Настанот ќе отвори простор за повторно читање на неговата практика – истовремено интимна, експериментална и критички насочена. Ангелов работеше на пресекот меѓу уметноста, секојдневието и апсурдот, користејќи едноставни материјали и ситуации за да создаде дела што функционираат како суптилни интервенции во реалноста. Неговите проекти, како „Ако не би било“, „Toasted bread“, „After party“ и други, остануваат како сведоштво за една практика што не тежнее кон спектакл, туку кон прецизно и често хумористично преиспитување на вредностите“, велат од КСП Центар-Јадро.

Од таму додаваат дека овој настан не е класична изложба, туку отворен формат на сеќавање – простор за гледање, разговор и заедничко присуство околу едно битисување и делување во едно време што сè уште одекнува.

Share
Scroll to Top