Научници од Швајцарија тврдат дека конечно го откриле „рецептот“ за победа на Евровизија, по детална анализа на сите песни што се натпреварувале на најголемото музичко шоу во Европа од 1956 до 2024 година.
Според истражувањето на престижниот институт ETH Zurich, најголеми шанси за победа имаат песни испеани на англиски јазик, со поп и денс ритам, додека традиционалните и акустични композиции со текот на времето сè повеќе губеле на популарност.
Научниот труд е објавен во списанието Royal Society Open Science и се базира на анализа на дури 1.763 песни од 51 земја учесничка на Евровизија.
Истражувачите анализирале повеќе од 35 различни елементи кај песните, меѓу кои жанрот, емоционалниот тон, танцувачкиот ритам, јазикот, акустичните елементи и темите во текстовите.
Еден од најинтересните заклучоци е дека англискиот јазик станал огромна предност за успех на Евровизија, особено по 1998 година, кога беше укинато правилото изведувачите да пеат исклучиво на мајчиниот јазик.
Според студијата, песните на англиски значително почесто освојувале високи позиции и победи, додека францускиот јазик – некогаш симбол на евровизиски успех – по 1990-тите почнал да се поврзува со послаби резултати.
Истражувањето покажува и дека Евровизија со текот на годините станала музички сè поуниформна. Поп музиката станала доминантен жанр, а денс ритмите се покажале како најуспешен модел за освојување публика и жири.
Во исто време, успешните песни често создавале трендови што другите држави се обидувале да ги копираат во следните години.
Научниците забележале и уште една промена – текстовите на евровизиските песни станувале сè подолги, додека употребата на акустични инструменти и традиционални музички елементи постепено опаѓала.
Сепак, студијата открива дека не сите земји сакале да се прилагодат на „формулата за победа“. Како исклучоци се наведени Франција, Италија, Португалија и Шпанија, кои најчесто останувале верни на сопствените јазици и музички идентитет.
Франција, Италија и Португалија и оваа година на Евровизија 2026 настапија на свој јазик, додека Шпанија го бојкотираше натпреварот во Виена поради учеството на Израел.
Авторите на истражувањето заклучуваат дека иако постои јасен „победнички шаблон“, дел од земјите и понатаму ја ставаат културната автентичност пред шансите за триумф на сцената на Евровизија.






