Шестиот игран филм на режисерката Теона Митевска Стругар, „Најсреќниот човек на светот“, вечерва ќе има светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција. Филмот на македонската режисерка ќе учествува во паралелната официјална натпреварувачка програма „Хоризонти“.
Сценариото за „Најсреќниот човек на светот“ го напиша Митевска со Елма Татарагиќ. Главен лик е Асја која го запознава Зоран на настан на кој луѓето бараат партнер. Дејството се случува во Сараево. Во филмот глумат Ана Костовска, Николина Кујача и Лабина Митевска, а главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ.
Ова е првиот македонски филм кој се прикажува во Венеција по филмот „Судијата“ на Жанета Вангели во 2002. На овој фестивал најголем успех постигна „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој го освои Златниот лав за најдобар филм. Уште еден филм на Манчевски се прикажуваше на Венецискиот фестивал, „Прашина“ во 2001 година.
„Најсреќниот човек на светот“ ќе се прикажува и во програмата на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто.