Најстуденото место во светот стана потопло за 38 степени, научниците измерија рекордни повисоки температури на Антарктикот

Најстуденото место во светот стана потопло за 38 степени, научниците измерија рекордни повисоки температури на Антарктикот

пред 3 години

Научниците на Антарктикот месецов измерија многу високи температури. Тие рекоа дека на најстуденото место на светот, сега измериле температура која е повисока за 38 степени од вообичаено и дека со тоа бил срушен нов рекорд.

Како што пренесе „Си-ен-ен“, температурата на истражувачката станица Конкордија, која важи за најстуденото место на Земјата, на 18 март изнесувала 11,5 степени Целзиусови под нулата. Нормалната висока дневна температура таму е околу 49 степени Целзиусови под нулата.

„Тоа значи дека на средината на март, температурата била повисока за 38 степени. Изгледа дека се работи за нов светски рекорд за најголемата температурна разлика од кога е измерена на метеоролошка станица“, рече научникот од Беркли, Роберт Род.

Рендал Сервени, професор по географски науки од Универзитетот во Аризона и известувач за екстремни рекорди на Светската метеоролошка организација, рече за „Си-ен-ен“, дека овој вид на рекорд, не е нешто што Светската метеоролошка организација го следи или проверува, но тоа не значи дека разликата не е легитимна.

Екстремната топлина на Антарктикот предизвикува загриженост поради долгорочните ефекти кои може да ги предизвика ледот, особено ако потраат. Дел од ледот на Антарктикот, со големина на Лос Анџелес се распаднал за неколку дена.

Пред крајот на февруари, морскиот лед околу Антарктикот бил со најмала површина од почетокот на сателитските мерења во 1979 година, помал и од два милиони квадратни километри, објавија од Американскиот истражувачки центар за снег и лед.

Сепак научниците велат дека влијанието на ваквите настани како овој на 18 март е мало, но ако зачестат ќе настане проблем.

„Ако во иднина дојде до такви ситуации и тие зачестат, може да дојде до значително влијание“, рече Џон Кинг од British Antarctic Survey.

 

Share
Scroll to Top